Организацијата „На точак“ со писмо до Владата бара безбедни патеки / Фото: Игор Бансколиев

Граѓанската организација „На точак“ бара повеќе простор за возење велосипед во рамките на сите рестрикции и мерки што се преземаат за спречување на пандемијата. Тие предлагаат на некои улици да се воведат нови велосипедски патеки, а автомобилите да возат со максимална брзина од 20 километри на час

Граѓанската организација „На точак“ со отворено писмо до Владата побара антикорона-простор за велосипедистите, во рамките на рестрикциите и мерките за движење на граѓаните. Бараат отворање на повеќе можности и наоѓање повеќе решенија со кои ќе се обезбеди поголем простор за возење велосипед. Нивната идеја е на булеварите со повеќе ленти, најдесната лента да биде привремено наменета за велосипеди, а велосипедската патека (доколку воопшто ја има) да биде привремено наменета за пешаци.

Исто така, бараат на улиците каде што има доволно широк коловоз да се воведат велосипедски ленти, а на маалските улици што воопшто немаат тротоари, што немаат доволно широки тротоари или, пак, тротоарите се користат за паркирање, да се воспостави зона 20, поточно ограничување на брзината на возилата од најмногу 20 километри на час за да се овозможи безбедно споделено користење од пешаци, велосипедисти и моторни возила на коловозот. Тврдат дека мерките се лесно изводливи и потребни се само користење боја за хоризонтална сигнализација и конуси. Примерите од многу градови низ светот токму тоа и го посочуваат, а само кај нас проблем се проектни и административни општински и градски процедури, кои во вакви услови би требало да се изземат.

– Просторот зафатен со платените паркинзи воспоставени на поранешните тротоари, како тие на ЈП „Градски паркинг“, Град Скопје и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, кои се по должината на улиците (и на сметка на тротоарите, односно улиците), да им се врати на пешаците и на велосипедистите бараат од ‚‚На точак“. Сите општини да ги лоцираат местата каде што се групираат повеќе граѓани чекајќи ред (пред маркети, аптеки, банки итн.) и да го прошират пешачкиот простор на сметка на коловозот и паркирањето. Ова се практични работи, кои се потребни за да може велосипедскиот и пешачкиот сообраќај да функционираат нормално во кој било од нашите градови. Ние зборуваме за безбедно движење во просторот со можност за физичко растојание за да се намали можноста за пренесување на вирусот.

Доволно е да се погледне по улиците и да се види дека на многу места нема простор за двајца пешаци да се разминат, а на истите тие места има и редици пред продавниците. Ние го акцентираме движењето со велосипед и пеш затоа што на луѓето им е потребно движење, потребна им е физичка активност за да останат здрави и да имаат добар имунитет. Дополнително на тоа, ова е немоторизирано движење што не го загадува воздухот. Ова е особено важно што од две студии во САД и во Италија е потврдено дека загадениот воздух е причина повеќе за зголемена смртност кај пациентите со ковид-19 – коментираат од граѓанската организација „На точак“.
Оваа организација заедно со ‚‚Одржливи иницијативи“ започна да црта предлог-мапа за булеварите во Скопје и таа е веќе готова. Но веројатно ќе треба да се прошири, бидејќи сметаат дека со обезбедување повеќе велосипедски простор треба да бидат опфатени сите поголеми градови во земјава, бидејќи не е само Скопје засегнат од вирусот.

– Дополнително, каков било конкретен предлог ќе треба да се разгледа со урбанистичките сектори на општините, односно со ЈП „Улици и патишта“ на Град Скопје. Затоа се поставени општо нашите барања. Но здруженијата на граѓани, како и неформалните здружувања на граѓани може да ги евидентираат и да ги предложат тесните грла и улиците каде што е потребна интервенција, како и да помогнат во реализација на овие мерки. Некои од 49-те организациите што досега се вклучија во поддршка на ова писмо имаат бројност на волонтери, некои пак имаат стручност и искуство. Многупати досега во Брисел се кажа јасно и гласно: граѓанските организации можат многу работи да направат поевтино и побрзо и да бидат партнер на Владата – објаснуваат од граѓанската организација „На точак“.

Притоа додаваат дека од Владата чекаат одговор на нивното писмо, кое било препратено до Министерство за транспорт и врски, Министерство за здравство, Министерство за животна средина и просторно планирање и до Град Скопје.
Од Градот сѐ уште нема никаква реакција за тоа што мислат за писмото. Оттаму само потсетуваат дека работат на промоција на велосипедот како алтернативно сообраќајно средство, бидејќи е еколошко, не загадува, а наедно има и позитивно влијание на здравјето на граѓаните. Додаваат дека работат на подобрување на условите за користење велосипед преку инвестирање во реконструкција на постојната и изградба на нова велосипедска инфраструктура.

Посочуваат дека изминативе неколку години сите градежни работи на сообраќајниците биле искористени за изградба на нови или за реконструкција на постојните велосипедски патеки, а во 2017, 2018 и 2019 година биле изведени и реконструирани повеќе од 30 километри велосипедски патеки.


Градот со широка листа на велосипедски патеки

Од Градот велат дека овие неколку години се изградени велосипедски патеки на локации каде што се прави тоа на сметка на автомобилскиот сообраќај, на самите коловозни ленти и истите тие се ограничени со столпчиња. Такви веќе има на булеварите Свети Климент Охридски, Кочо Рацин, улицата Московска, Втора македонска бригада… и оваа практика ќе продолжи на сите локации каде што ќе се појави потреба и каде што условите ќе го дозволат тоа.

– Во текот на 2020 година се работеше и се работи на повеќе локации. Нови велосипедски патеки ќе има по должината на целиот нов булевар АСНОМ, со што целосно ќе бидат сврзани Аеродром со Центар и Гази Баба. Поставување нови велосипедски патеки има на булеварот Александар Македонски, од клучката Естакада до улицата Благоја Стефковски, потоа на потегот од крстосницата кај улиците 15. Корпус и Методија Андонов-Ченто до крстосницата со улицата Петре Филиповски-Гарката и свртувањето кон улицата Перо Наков и Металски Завод-Тито.

Велосипедската патека на булеварот Киро Глигоров, на потегот од крстосницата со улицата Перо Наков до улицата 808, како и веќе изградени нови велосипедски патеки на новиот булевар Никола Карев и во рамките на втората фаза од проектот за изградба на булеварот АСНОМ. Велосипедска патека има на булеварот ВМРО, на потегот од раскрсницата со булеварот Илинден до раскрсницата со булеварот Партизански одреди, наспроти објектот на главната пошта и на многу други локации – појаснуваат градските власти.