Со доделување безбедносни елечиња и балони на учениците од четврто одделение во ОУ „Димитар Миладинов“ во Скопје кои заедно со учителката и во соработка со сообраќајната полиција поминаа две пешачки зони во близина на училиштето, АМСМ денеска го стартуваше проектот „Безбедни училишни зони” (Star rating for schools) што оваа и наредната година ќе се спроведува на Балканот.

Проектот,  во кој како партнери се министерствата за образование и за внатрешни работи, има за цел да обезбеди анализа на ризикот и степенот на безбедност на децата во зоните околу училиштата преку мобилна и веб апликација.

– Апликацијата е универзална, лесна за користење и обезбедува предлози за брзи интервенции со кои зоните околу училиштата ќе биде што е можно побезбедни. Сето тоа ќе придонесе кон исполнување на глобалните цели на Обединетите нации за безбедноста на патиштата, со кои до 2020 година се очекува да се намалат за половина смртните случаи и сериозните повреди на патиштата. Апликацијата овозможува сите заедници во светот да имаат пристап до овие докази и анализи, за да ја проценат безбедноста на патиштата околу училиштата и да ги информираат надлежните органи за интервенциите кои можат да се преземат, велат од АМСМ.

Во фокусот на проектот, додаваат, се децата и младинци – пешаци.

АМСМ исто како и српскиот, косовскиот и бугарскиот авто-мото туринг клуб, есенва ќе спроведе анализа на зоните околу училиштата во Скопје, за да проценат колку ѕвезди имаат токму тие патишта, од кои една ѕвезда е зона со најголем ризик за пешаците, а пет ѕвезди е зона кој ги исполнува сите критериуми за безбедност во сообраќајот.  По анализата и обработувањето на податоците, АМСМ ќе достави официјален извештај и барање до надлежните институции за санирање на недостатоците кои ќе бидат увидени, за зголемување на зоните до четири или пет ѕвезди.

Овој проект веќе се спроведува низ светот и е поддржан од FedEx.