Многу пијани или поднапиени возачи при редовните полициски контроли

Според податоците од МВР, во 2018 година биле затекнати 7.649 пијани возачи зад воланот, додека, пак, годинава од јануари до јуни бројката на алкохолизирани возачи изнесува 2.452. Возач под дејство на алкохол има 17 пати поголем ризик да биде вклучен во смртоносна несреќа од невнимателен возач. Казните се од 200 до 500 евра и одземање дозвола на 12 месеци

По скопските улици во дневните, а многу повеќе во вечерните часови често се забележуваат голем број возачи што невнимателно управуваат со своите возила. Станува збор за возачи што возат во алкохолизирана состојба. Податоците од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека полицајците при редовните контроли затекнале голем број пијани или поднапиени возачи. Минатата година вкупно 7.649 возачи под дејство на алкохол седеле зад автомобилскиот волан и учествувале во сообраќајот, додека пак годинава од јануари до јуни бројката на алкохолизирани возачи изнесува 2.452. Колкумина ја избегнале полицијата и не наишле на полициските контроли никој не може да предвиди или да дознае.

Според анализите на Светската здравствена организација, постојат неколку ризични фактори што влијаат за предизвикување сообраќајни несреќи. Неприспособена брзина или возење со прекумерна брзина речиси во сите извештаи претставува причина број еден за предизвикување сообраќајни несреќи. Според листата на ризични фактори од СЗО, возењето во алкохолизирана состојба претставува причина број два што влијае на бројот на сообраќајните несреќи. Според светскиот извештај за спречување повреди во сообраќајот на патиштата на СЗО, возач под дејство на алкохол има 17 пати поголем ризик да биде вклучен во смртоносна несреќа од невнимателен возач. Постојат и други ризични однесувања, како што се користењето лекови или дроги, замор, младост или неискусност на возачот, патување во темнина, небезбеден и дефектен коловоз и слаб вид на возачот.

Периодов во полициските билтени на МВР има голем број примери за управување со возило во алкохолизирана состојба. Имено, за три дена, на четврти, петти и шести октомври годинава, при преземените активности од страна на Секторот за внатрешни работи – Скопје, од сообраќај се исклучени 98 возачи, од кои 36 затоа што возеле поднапиени.

Бројките од МВР покажуваат дека има голем број возачи што не го почитуваат законот за безбедност во сообраќајот. Ова го потврдува и бројот на казнети возачи од полицијата. Минатата година МВР повела дури 4.093, а оваа година 2.887 прекршочни постапки кон лица што направиле прекршок „управување моторно возило под дејство на алкохол“.

– Според членот 228 од ЗБСП на патиштата, за возачи што ќе бидат затекнати да управуваат со возило во сообраќај на пат под дејство на алкохол е предвидена глоба од 200 до 500 евра во денарска противвредност, во зависност од утврденото ниво на алкохол во крвта на возачот, и прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило од три до 12 месеци, која ја изрекува надлежен суд – велат од МВР.

За да се намали бројот на алкохолизирани учесници во сообраќајот и да се обезбеди поголема безбедност, полициските службеници спроведуваат постојани проверки и ги казнуваат алкохолизираните возачи. Исто така, според Законот за безбедност во сообраќајот, полицискиот службеник на самото место има право привремено да го исклучи возилото од сообраќај и да му ја одземе возачката дозвола на возачот за кој е утврдено дека е под силно дејство на алкохол.

Според информациите на МВР, претходната година биле привремено одземени 5.243 возачки дозволи, додека, пак, годинава 1.782. Пијаните возачи на овој начин, со самото нивно учество во сообраќајот, го изложуваат својот живот на опасност, но и животот на другите учесници. Сообраќајните експерти велат дека алкохолот дополнително го намалува времето за реакција, а на тој начин се зголемува можноста за предизвикување сообраќајна несреќа. Според светскиот извештај за спречување повреди во сообраќајот на патиштата на СЗО, возењето под дејство на алкохол и на која било психоактивна супстанција го зголемува ризикот од несреќа што резултира во смрт или сериозни повреди. Зголеменото ниво на алкохол во крвта е поврзано со зголемување на сериозноста на повредите направени во сообраќајна несреќа и ризикот од смрт.