Градот најави набавка на нови 22 јавни чешми Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ апелираат до граѓаните доколку забележат дефект на фонтана или чешмичка да се јават во дежурниот информативен центар на претпријатието на телефонскиот број 02 3073-010 и да го пријават тоа

Јавните чешми и фонтани низ градов изминатиов период кога владееја екстремно високи и тропски температури, веројатно, беа најпосетените места од граѓаните. Потребата да се изгасне жедта ги тераше луѓето да се упатат до нив за барем малку да се освежат и да се разладат. Но може да се забележи дека едни чешми се затворени, други немаат вода, не се во функција, додека некои немаат славини со кои водата може да се регулира, така што постојано тече. На пример, фонтаната пред Европскиот универзитет не само што не работи цело лето туку секогаш е полна со ѓубре. Во нејзината близина, пак, чешмата во Паркот на новинарите постојано тече. Токму поради тоа околу нив секогаш има големи вирови вода, па за да се стигне до чешмата мора и да се гази во нив. Тоа, пак, многумина одвраќа од намерата да пријдат до нив за да се освежат.

Оние скопјани, пак, што повеќе шетаат покрај кејот на реката Вардар забележале нови пластични чешмички, од кои наместо ладна истекува топла вода и не знаат која е причината за тоа. Што корист, велат тие, што се поставени чешми кога не може да се разладат. Ладна вода имаат единствено две стари чешми што останаа за разладување на посетителите во Градскиот парк. Кој ги поставил пластичните чешмички граѓаните не знаат, а не знаат ниту во јавното претпријатие „Водовод и канализација“, кое, пак, е одговорно за нивното одржување. Инаку, освен за јавните чешмички и фонтани ЈП „Водовод и канализација“ сега има обврска да се грижи и за фонтаните од проектот „Скопје 2014“. Претпријатието најпрвин не ја сакаше оваа обврска, изјаснувајќи се дека доволни им се и овие за кои поради чест вандализам не можат да постигнат да ги одржуваат постојано во исправна состојба. Од „Водовод и канализација“ апелираат доколку граѓаните забележат дефект на фонтана или чешмичка да се јават во дежурниот информативен центар на претпријатието на телефонскиот број 02 3073-010 и да го пријават тоа. Од градот Скопје, пак, има најава за набавка на нови 22 јавни чешми.

Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека во моментов не поставуваат нови чешмички, туку само вршат санирање дефекти на веќе постојните.
– Имаме сознанија дека градот Скопје поставуваше нови чешмички на некои градски локации, кои не можеме да ви ги потврдиме во моментов. Дали водата е топла или ладна немаме информација, приклучоците за тие чешмички се веќе од постојни приклучоци така што и да се нови, секако се од постојна наша мрежа со што не би требало да има температурана разлика. Одржувањето на чешмичките спаѓа во редовно тековно одржување, како на водоводна мрежа така и на чешмичките. „Водовод и канализација“ нема изнајмено фирма што врши одржување на чешмичките за пиење вода туку сами ги одржуваме – објаснија од ЈП „Водовод и канализација “.
Од градот, пак, се со одговор дека веќе распишале јавна набавка за поставување нови јавни чешми.

– Градот Скопје распиша јавна набавка за набавка и монтажа на јавни чешми за пиење вода. Преку јавна постапка избрана е компанијата „Урбано ел“, за сума од околу 2 милиони денари. Најголемиот број од фонтаните се користат за замена на постојните што се оштетени. Самите чешми се изработени со висококвалитетен алуминиум, кој нуди заштита од атмосферските влијанија, како и временски потисен вентил со временска деактивација по 7 до 10 секунди за заштеда на вода. Со оваа јавна набавка, набавени се 13 чешми со еден извод, чија набавка со монтажа чини 69.450 денари парче, како и 9 чешми со два извода, чија набавка со монтажа чини 88.000 денари парче – велат од градот Скопје.

Но освен оние јавни чешмички и фонтани за освежување со питка вода, за кои се грижи „Водовод и канализација“ и ги поставува градот, не се во функција и многу такви по населбите, за кои треба да се грижат општините. Станува збор за фонтани што се близу детски игралишта, паркови и воопшто на јавни места каде има поголема фреквенција на луѓе.