Експертите велат дека бавното согорување на јагленот испушта јаглероден диоксид Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според Светската здравствена организација, годишно околу 12,6 милиони луѓе умираат од еколошки здравствени ризици. Загадувањето на воздухот стана четврти највисок фактор на ризик за предвремена смрт – еден во 10 смртни случаи во светот се должи на изложеноста на загадување на воздухот. Податоциве само укажуваат на сериозноста на проблемот, кој бара уште посериозен пристап за решавање. На владина седница денеска кај нас ќе се одлучува колку пари ќе се издвојат и како ќе се справуваме со загадувањето на воздухот, а на прес-конференција денес ќе бидат официјално соопштени наредните чекори. Аерозагадувањето не е проблем само на градовите во нашата земјава туку и на многу други во светот, кои применуваат различни мерки за да го намалат, како на пример забрана за влегување автомобили од внатрешноста во градовите што имаат проблем со загадувањето, потоа возење пар-непар, бесплатен јавен превоз, скапо паркирање во градовите, евтин и ефикасен јавен превоз, изградба на зелени покриви, исфрлање на јагленот од употреба, како што е примерот во Кина. Во оваа земја, по примената на драконските мерки, загадувањето е намалено за 50 отсто. И Меѓународната агенција за енергија (МАЕ) соопшти дека до 2030 година се очекува дека природниот гас ќе го истисне јагленот од позицијата на втор извор во светот по нафтата, благодарение на настојувањата да се намали загадениот воздух и сѐ поголемата потрошувачка на растечен природен гас ЛНГ.

Само по себе се поставува прашањето дали се знае кај нас колкав дел од угостителските објекти користат јаглен за да ги распалат скарите и колку тие го загадуваат воздухот. Познавачите на состојбите велат дека кога се отвора локал, се поднесува елаборат до општината, кој треба да му биде одобрен, а потоа инспекторатот треба да контролира. Многу угостители во Скопје велат дека ретко кој од нив се придржува кон тие елаборати, дури 99 отсто од нив не се придржуваат. Ако се тргне во контрола, вели инспектор што сакаше да остане анонимен, 90 отсто од угостителите треба да затворат.

– Куќите што користат јаглен за огрев, како и угостителските објекти што користат јаглен сигурно загадуваат, и тоа поради бавното, неактивно согорување се зголемува концентрацијата на јаглероден диоксид. Самата скара испушта штетни материи, а согорувањето на јагленот на скарата не е активно согорување. Тоа е сериозна работа, која бара сериозно проучување, а не инцидентно да се дејствува. Тие се сигурно дел од загадувачите за кои Владата и Министерството за животна средина треба да направат истражување какви загадувачи има, кои се, колку се, бидејќи сега нема евиденција на загадувачи. Па дури ако треба да се едуцираат и угостителите. Како што се вели, подобро навреме да се спречи, отколку потоа да се лекува, за да не ни се случува сега ова. Треба да се вклучат експерти од многу области, машински инженери, технолози, лекари и многу други за да се види што испушта секој загадувач и како загадува. Ако се работи на проекти врзани за проблемот, сигурно ќе се искористат и пари од европските фондови. ЕУ до 2030 година веќе побара да се исклучат сите термоцентрали што работат на јаглен. За нас е уште мисловна именка, ама во светот се врши селекција на комуналниот отпад, па среде имате Виена постројка што согорува комунален отпад и воопшто не загадува – вели Марко Серафимов, професор на Машинскиот факултет во пензија и експерт за греење и климатизација.

Различни се мерките што ги применуваат градовите во светот во борбата против загадувањето на воздухот, а некои од нив би можеле да најдат примена и кај нас.
Јужнобразилскиот град Куритиба, со 2 милиони луѓе, има еден од најголемите автобуски системи со најниски трошоци во светот. Речиси 70 отсто од жителите во градот одат на работа со јавен превоз, а резултатот е воздух без загадување и улици без голем метеж и сообраќај.

Париз за време на викендите ги забранува автомобилите во многу историски централни области и возилата со парни бореви според регистарските таблички, го прави јавниот превоз бесплатен за време на зголемено загадување на воздухот и поттикнува возење велосипеди, заедничко возење во автомобили. Извештаите дека нивото на загадувањето во Њу Делхи се слични со оние во Пекинг го поттикнаа градот да ги забрани сите нови големи дизел-автомобили и патнички автомобили со мотор од повеќе од 2.000 кубни сантиметри за да се отстранат десетици илјади дизел-возила.

Градот експериментирал наизменично забрана на автомобили со непарни и парни регистарски таблички и сега го поттикнува убер-стилот на таксија за превоз со минибуси. Други градови што размислуваат за забрана на дизел-возилата се Даблин и Брисел. Холандските политичари сакаат да ја забранат продажбата на сите бензински и дизел-автомобили од 2025 година, дозволувајќи само електрични или водородни возила. Новопредложениот закон ќе му овозможи на секој што веќе поседува бензин или дизел-автомобил да продолжи да го користи. Наедно повеќето градови веќе го поттикнуваат користењето велосипеди, а Холандија е една од земјите во кои има развиено култура за користење на велосипедите како превозно средство. Фрајбург во Германија има 500 километри велосипедски патеки, трамваи и евтин и ефикасен систем за јавен превоз. Предградието Ваубан им забранува на луѓето да се паркираат во близината на своите домови, а сопствениците на автомобили ги принудува да платат 18.000 евра за простор што се наоѓа на крајот од градот. Во замена за живеење без автомобил, на луѓето им нуди евтино сместување, бесплатен јавен превоз и обилен велосипедски простор. Копенхаген им дава приоритет на велосипедите наспрема автомобилите како превозно средство и сега има повеќе велосипеди отколку луѓе.

Градот пресметува дека една милја на велосипед е во вредност од 0,42 долари за општеството, додека една милја во автомобил е загуба од 0,20 долари. Голем дел од главниот град на Данска веќе со децении е затворен за возилата. Наедно има најмногу зелени покриви и со сите иницијативи што ги презема, градот планира да стане јаглеродно неутрален до 2025 година. Осло планира да ги преполови климатските емисии до 2020 година и предложи голема зона без автомобили, изградба на 40 милји нови ленти за велосипеди, двојно зголемување на патарините и отстранување голем број паркинг-места. Финскиот главен град Хелсинки драстично сака да го намали бројот на автомобили на своите улици со тоа што инвестира многу во подобар јавен превоз, наметнувајќи повисоки трошоци за паркирање, со што поттикнува користење велосипеди и пешачење и ги менува внатрешните градски кружни текови во пешачки простори. Нивната идеја е да се направи градскиот јавен превоз толку добар што никој нема да сака автомобил до 2050 година. Цирих го ограничи бројот на места за паркирање во градот, дозволува само одреден број автомобили во градот, гради повеќе области во кои се забранети автомобили, трамвајски линии и пешачки улици. Резултатот е драматично намалување на сообраќајните метежи и помало загадување. С.Р.

(продолжува)