Владата, на предлог од Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство, на денешната седница донесе одлука за прогласување на споменикот Акведукт во Скопје за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.

Одлуката следува по усвоениот елаборат за ревалоризација на споменикот, процес што со години беше закочен во надлежнитe институции.

Со ревалоризацијата на Акведуктот е опфатено и прашањето за категоризација на доброто според неговото значење, а со тоа и прашањето за режимот на заштита.

Одлуката овозможува трајно зачувување на Акведуктот и на неговите вредности во културна и историска смисла, како и во однос на заштитата на архитектурата, на социјалниот, едукативниот, туристичкиот и на економскиот аспект на локалитетот. Со тоа се овозможува, конечно, да почне и неговата физичка заштита.

Со донесувањето на одлуката, Акведуктот се вбројува во уставната категорија „добра од општ интерес за Република Северна Македонија“ и ужива посебна заштита во смисла на Уставот и Законот за заштита на културното наследство.