Општината Аеродром ги избра добитниците на субвенции за набавка на велосипеди, инвертер-клими и печки на пелети по објавените јавни повици од крајот на септември. Од општината информираат дека на јавниот повик за субвенции на велосипеди се пријавиле вкупно 303 жители, од кои 287 поднеле уредна документација и ќе добијат средства. За набавката на инвертер-клими се пријавиле 42 домаќинства, од кои 19 ги исполниле условите. Во однос на субвенциите за набавка на печки на пелети, од вкупно четири лица, средства ќе добијат само тројца.

– Во истиот период општината Аеродром објави и јавен повик за субвенционирање на чистењето оџаци, но немаше ниту една пријава – велат од општината Аеродром.
Оттаму појаснуваат дека добитниците на субвенциите ќе бидат писмено известени, а паричните средства ќе им бидат исплатени до крајот на ноември или на почетокот на декември. Општината Аеродром оваа година за субвенциите има издвоено вкупно 1.100.000 денари од својот буџет.