Во текот на вчерашниот ден, Општина Центар во координација со екипите на Град Скопје ќе започне со теренски активности за поставување вертикална сообраќајна сигнализација за воведување еднонасочен сообраќаен режим на улицата Св. Климент Охридски – позната како Адвокатска улица.
Во интерес на зголемување на безбедноста и подобрување на сообраќајот во овој дел на територијата на Општина Центар, еднонасочниот сообраќаен режим ќе биде воспоставен во правец на движење од страна на булевар Крсте Петков Мисирков кон улицата Филип Втори Македонски.
– Овие теренски активности се изведуваат во согласност со Проектот за смирување на сообраќајот и зголемување на безбедноста – зона ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Општина Центар, каде што минатата година беше поставена мерка за смирување на сообраќајот, односно, подигнато пешачко плато пред општинското основно училиште – информираат од Центар.
Со поставување нови сообраќајни знаци во овој дел на Центар ќе се овозможи регулирање и намалување на сообраќајот, како и зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот, особено за учениците од локалното училиште.