Од претстојниов викенд автобусот на ЈСП Скопје со број 25 што сообраќа од Транспортен центар до средно Водно место во 8:00 часот ќе тргнува во 7:30 часот, на барање на планинарите и поради летните температури. 

Од ЈСП Скопје информираат дека промената во возниот ред ќе важи за време на викендите и државните празници. Останатите поаѓања се реализираат според важечкиот утврден возен ред. 

Од јавното претпријатие потсетуваат дека за време на викендите и за време на државните празници, возењето со автобусот на линијата 25 е бесплатно за сите граѓани, а истото важи и за сродните линии 25А и 25Б, кои сообраќаат до Средно Водно, а тргнуваат од Стара железничка станица, односно од Дом на печат. Бесплатно е возењето и на линијата 28 која вози од Транспортен центар до Нерези (Македонско село). 

Бесплатниот превоз се воведе по предлог на голем број граѓани, а истовремено доби поддршка и од Град Скопје и ЈСП Скопје пред се од еколошки аспект со цел да се контролира и регулира движењето до Средно Водно, посочуваат од ЈСП.