Една слика илјада збора, и навистина е така. Оваа фотографија кажува сѐ. За оние што не знаат, ова е почетната или последната автобуската станица на градските линиите со броевите 9 и 35, место каде што граѓаните секојдневно чекаат автобус и имаат поглед кон оваа неуредена локација преполна со ѓубре.

Граѓаните немаат ниту клупи, ниту информативни електронски табли, ниту натстрешници под кои можат да застанат на сонце, дожд или на снег. Од „урбана“ опрема имаат стар мебел на кој не можат да приседнат. Станицата е близу железничката станица Скопје Север, а булеварот Босна и Херцеговина ги дели со населбата Скопје Север. Кога оттаму граѓаните брзаат да се качат во автобус, не можат да преминат преку сообраќајницата поради тоа што нема пешачки премин, а колоната од возила честопати е долга и недогледна.

Фактот дека постои ризик и опасност на кои граѓаните често се изложуваат, досега никој не ги зел предвид, како што и никој од надлежните ништо нема преземено да ја уреди автобуската станица за да заличи на урбано место каде што се чека автобус. Нередот како да не им пречи ниту на вработените од железничката станицата, ниту во јавното сообраќајно претпријатие, ниту пак во општината Бутел. Просторот можеби и ќе се урбанизира по изградбата на булеварот Босна и Херцеговина, а дотогаш ќе помине уште време.