Само две третини од автобусите се во функција, а половина од нив се стари по 20 години. И новите кинески автобуси често се надвор од употреба

Обновувањето на возниот парк на ЈСП „Скопје“ не само што ќе му ја олесни работата на претпријатието туку, секако, ќе им го олесни јавниот транспорт на граѓаните, кои секојдневно се соочуваат со низа проблеми. Уште ако новите автобуси и помалку го загадуваат воздухот од сегашните, тогаш навистина скопјани ќе можат да здивнат од низата превозни проблеми со кои се соочуваат сега. Иако само пред неколку години беа набавени новите украински и кинески автобуси, сепак по скопските сообраќајници многупати се случува тие да ги остават граѓаните на половина пат или, пак, да се случат дури и неочекувани ситуации од кои патниците најчесто се исплашени.

Од вкупно 417 возила со колку што располага јавното претпријатие ЈСП, само 268 се ставени во функција на граѓаните. Изминатиов период некако беа зачестени ваквите проблеми во јавниот превоз. Имаше расипување на автобусите додека беа на линија, па патниците мораа да ги напуштат возилата и како знаат и умеат да се снајдат за навреме да стигнат до својата дестинација. Неколкупати се случувало автобусите на линиите за Средно Водно да не стигнат до последната станица, и обратно, да не може да тргнат назад. Ваквите случувања предизвикуваа и метеж и нервози. Минатиот месец на еден автобус му откажаа сопирачките. Уште поголем страв и паника доживеаја патниците што се најдоа во автобусите што се запалија.

Последен пример беше запалениот автобус на ЈСП „Скопје“ со број 58, а настанот се случи помеѓу населбата Припор и Сопиште, при што на помош дојде и локалното население за да го гасне пожарот. Претходно исто така имаше сличен случај кога се запали автобус во населбата Ѓорче Петров. Патниците повторно беа доведени во опасност и во автобусот со број 58, кога му откажаа сопирачките по удолниот пат Сопиште – Припор. Возилото полно со патници се движело брзо по удолниот пат и не можело да застане на ниедна станица затоа што црево за воздух од системот за кочење пyкнaло додека возилото било во движење, а моторот во работна состојба. За среќа, некаде при крајот на удолницата сопирачките почнале да функционираат. Од ЈСП велат дека не станува збор за пропуст при техничките контроли туку дека вакви непредвидени случаи едноставно можат да се случат и кај приватни возила.

– Едноставно, станува збор за непредвидени ситуации и покрај редовните технички прегледи и контролите на возилата пред нивно вклучување во сообраќај. Апсолутно, не станува збор за пропусти при редовните контроли пред возилата да се вклучат во сообраќај, ниту пак тоа е резултат на евентуални пропусти при технички преглед. Станува збор за непредвидливи ситуации, кои, впрочем, можат да се случат и се случуваат и кај приватни возила и слично. Возниот парк, според инвентарната состојба, го сочинуваат 417 возила, од кои 268 исправни возила, најголем дел од кинески „Јутонг“, следуваат „Лаз“, па „Ман“ и „Санос“ – велат од ЈСП.

Според податоците добиени од ЈСП, 192 возила се од старите автобуси „санос“ додека, пак, 216 се од поновата кинеска марката „јутонг“. Просечната старост на автобусите „санос“ изнесува околу 20 години. Според овие податоци, и од искуството на граѓаните, може да се заклучи дека помалку од две третини на вкупниот возен парк на ЈСП е во употреба, половина од функционалните автобуси што се користат се по 20 години стари, а другата половина исто така често се расипува.

Од ЈСП објаснуваат дека во текот на септември се регистрирани 11 случаи во кои нивни возила останале во дефект на возната линија. Велат дека кога ќе се случи вакво нешто во најбрз можен рок расипаното возило се заменува со таканаречено заменско возило, за да може утврдената линија да продолжи да се вози непречено.

Досегашните настани укажуваат дека каков било дефект кај автобусите претставува проблем во сообраќајот. Пример е случајот од пред неколку месеци кога се расипа двокатниот автобус среде улица, пред македонското собрание, и буквално го блокираше сообраќајот. Притоа се создадоа голем метеж и огромна тензија кај сите возачи, кои заглавија во тој дел од градот. Покрај честите дефекти во автобусите на ЈСП, граѓаните се соочуваат и со разни други проблеми, како на пример нивно доцнење, особено во утринските часови токму кога сите брзаат навреме да стигнат до саканото место.