Ќе се реконструира плоштадот „Коцка“ во Автокоманда

776

Општината Гази Баба ќе почне со реконструкција на плоштадот „Коцка“ во Автокоманда. Катчето што се наоѓа зад домот на културата „Димитар Влахов“ ќе биде наменето за граѓаните на сите возрасти. На таа локација сите граѓани од овој дел на градот ќе можат да се рекреираат.

Најавено е дека проектот ќе се спроведува во три фази. Првата ќе ги опфати најкрупните зафати, кои речиси се завршени, поставено е ново економично паметно осветлување и изградени се пристапни рампи за лица со инвалидитети, кои меѓусебно се поврзани.

Исто така, во фаза на изградба е и нова пристапна платформа, која ќе го поврзе овој плоштад со Домот на културата, а се работи и на поставување плочник што ќе биде обложен со ситнозрнест гранулиран бетон, а се завршуваат и скалите на плоштадот. Се очекува оваа прва фаза да биде завршена со поставување урбана опрема.

Од Гази Баба соопштија дека целиот простор ќе има форма на отворена сцена, што се отвора можност за одржување на културни манифестации. Реконструираниот плоштад ќе се простира на површина од 2.300 квадратни метри.

Во следните фази, на плоштадот „Коцка“ во Автокоманда ќе се гради и современо детско игралиште, а ќе се уредува и паркинг-просторот, кој ќе биде ограничен само на потребите на станарите и сопствениците на дуќани во околината на ова место.