Ќе се отстрануваат дивите тезги на Бит-пазар и Старата чаршија

191

Град Скопје и Општина Чаир со поддршка на еснафот на Старата скопска чаршија и Комората на трговци во Република Македонија преземаа обврска пред граѓаните да ги ослободат улиците и тротоарите со цел нормалното одвивање на сообраќајот.

Во непосредна близина на Бит-пазар предвидено е поставување на нова такси станица, дрвореди, уредување на зелени површини и заштитни столпчиња за тротоарите од двете страни на булеварот.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти портпаролот на Град Скопје Ваљон Салиху.

Тој додаде дека дополнително се планира и уредување и осветлување на пасажите на Старата скопска чаршија.

– За таа цел предвидено е да се отстранат сите тезги кои се незаконски поставени на површините кои не се предвидени за таа намена во околината на Бит-пазар и Старата скопска чаршија. Ова се први со цел да се вратат купувачите во чаршијата и пазарот, да се овозможи полесна пристапност до тезгите и дуќаните. Воведувањето ред на ова место значи поголема безбедност и пофункционален град – рече Салиху.

Град Скопје, како што рече, има разбирање дека трговците кои работат на овие нелегално поставени тезги вложуваат многу труд за да заработат за основните средства за живот. Затоа, во соработка со „Скопски пазар“ обезбедивме на овие луѓе да им бидат понудени на користење тезги во рамки на Бит-пазар под одредени поволни услови.

Салиху информираше дека за таа цел овие лица треба да склучат договор со „Скопски пазар“ АД Скопје, но претходно треба да се јават на телефонскиот број 02 311 880 најдоцна до 5 април годинава. Сите оние кои нема да го сторат тоа и ќе продолжат да продаваат на улица или на тротоар ќе бидат казнети согласно закон од страна на надлежните инспекции.