Ќе се дезинфинцираат автобусите на ЈСП

190

ЈСП Скопје од денеска ќе почне со вонредна дезинфекција на автобусите, како и на кабините на жичницата на Водно.

– Секој автобус по завршување на смената и утврдената рута, ќе биде дезинфициран со соодветно средство на база на алкохол и дезинтал 10%, односно со распрскување ќе се третира внатрешноста на автобусот, а рачно ќе се дезинфицираат и одделни делови од возилото како држачи и слично – соопштија од ЈСП.

Од таму велат дека вонредната дезинфекција е мерка за заштита од коронавирусот со оглед на тоа дека јавниот превоз во Скопје секојдневно во просек го користат 115.000-130.000 граѓани, а стотици граѓани ја посетуваат и ја користат жичницата.

Дополнителната, односно вонредна дезинфекција ќе се врши секојдневно, сè до добиените нови препораки од надлежните институции кои ја следат состојбата со коронавирусот.

Инаку, додаваат од ЈСП, внатрешна дезинфекција на автобусите се врши секојдневно преку т.н. редовна дневна нега (чистење, миење) на возилата. Притоа, возилата се третираат со соодветни еколошки средства кои имаат дезинфекциско својство. Секое возило, пред да се пушти во сообраќај, е подложно на дневна нега.