Приватните автобуси ги чисти секој како знае и умее Фото: Архива

Превентивни мерки во јавниот превоз

Дополнителната (вонредна) дезинфекција ќе се врши секојдневно, до добиените нови препораки од надлежните институции, кои ја следат состојбата со коронавирусот. Автобусите се третираат со соодветни еколошки средства. Секое возило, пред да се пушти во сообраќај, е подложно на дневна нега, информираат од ЈСП

Пред речиси две седмици Јавното сообраќајно претпријатие започна со вонредна дезинфекција на автобусите вклучени во јавниот градски превоз, како и на кабините на жичницата, како мерка за заштита од коронавирусот. Секој автобус по завршувањето на смената и утврдената маршрута, како што најавија од претпријатието, ќе биде дезинфициран со соодветно средство за таа намена. Со распрскување ќе се третира внатрешноста на автобусот, а рачно ќе се дезинфицираат и одделни делови од возилото како ракодржачи и слично.

Одлуката за примената на ваквата мерка е нужна во ситуацијата каква што е со коронавирусот. Јавниот превоз во Скопје го користат од 115.000 до 130.000 граѓани, стотици граѓани дневно го посетуваат Водно и ја користат жичницата, а во викендите и повеќе илјади.
– Дополнителната (вонредна) дезинфекција ќе се врши секојдневно, до добиените нови препораки од надлежните институции, кои ја следат состојбата со коронавирусот. Инаку, внатрешна дезинфекција на автобусите се врши секојдневно преку таканаречена редовна дневна нега (чистење, миење) на возилата. Притоа, возилата се третираат со соодветни еколошки средства, кои имаат дезинфекциско својство. Секое возило, пред да се пушти во сообраќај, е подложно на дневна нега – информираа од ЈСП.

Но во јавниот градски превоз, се вклучени и приватните претпријатија „Макекспрес“ и „Слобода превоз“, кои исто така секојдневно превезуваат голем број патници. Учесници во превозот на патници се и такси-компаниите, кои веќе имаа закажано состанок на кој ќе ги договорат мерките и активностите за подигање на степенот на хигиена и заштита, поради коронавирусот. „Нова Македонија“ се интересира што преземаат приватните претпријатија во однос на дезинфекција на возилата, но и како ќе постапат таксистите.
Од „Макекспрес“ објаснуваат дека дезинфекциското средство го нарачале во консултација со фармацевтски експерти.

– Штом се појави коронавирусот во Македонија, побаравме од сопствениците на возилата да направат дезинфекција на ракодржачите со влажни марамчиња и со средство за хигиена да ги пребришуваат подовите. Но потоа бевме во „Алкалоид“ и се консултиравме со стручни лица, кои ни препорачаа едно средство за подот, а друго за ракодржачите и седиштата. Штом пристигне, со него ќе треба да се истретира секое возило по извозување на турата. Секојдневно имаме по 30 до 40 возила на линија и одржувањето на хигиената е на совест на сопствениците и возачите – објаснува Милорад Димитриевски, еден од сопствениците на приватното претпријатие „Макекспрес“.

Од „Слобода превоз“ велат дека немаат посебна интервенција, освен вообичаената, редовно чистење на возилата и дезинфекција со средство што секој индивидуално го користи. Но доколку има директна наредба од надлежните, тогаш ќе се придржуваат до неа.

Првиот човек на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, вели треба да се применат искуствата од другите земји, како постапувале тие, па тоа да се примени и кај нас.
– Секој користи свое средство за вообичаено чистење на автобусите, а колку е тоа ефикасно во вакви услови кој би можел да знае, кога ние немаме ингеренции да го контролираме тоа, ниту пак да санкционираме. Превентивата треба да биде актуелна пред да се користи јавниот превоз, ако е некој заболен да не влегува во автобус. Не е можно по секоја тура да се врши дезинфекција на возилата, не дозволува распоредот, а од друга страна, пак, потребни се дополнителни ангажирања на луѓе, потребни се средства за сето тоа.

Значи обврската за одржувањето на хигиената засега е индивидуална на секој сопственик на возилата, а колку се придржуваат до тоа, потребно е да утврдат инспекциските контроли. Немаме овластување да преземеме санкции, првпат ги опоменуваме, а вторпат можеме да пријавиме по известување на граѓани. Доколку има наредба од надлежните како да постапуваме, ние ќе направиме план и програма и така ќе постапиме – објаснува Ленин Јовановски, директор на приватното претпријатие „Слобода превоз“.


Таксистите ќе се договараат дали да возат со маски

Такси-компаниите веќе една седмица имале меѓусебни разговори и консултации како да постапуваат понатаму во однос на подигањето на степенот на хигиената и во однос на заштитата на такси-возачите.
– Веќе закажавме средба за денеска, на која ќе се договориме дали таксистите ќе возат со маски, бидејќи во некои компании веќе користат. Ќе мора да разговараме со медицински лица. Неколку дена веќе се прашуваме како да постапиме во очекување некој да ни каже – вели Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на автотаксисти на Град Скопје.


„Скопски пазар“ ќе ги дезинфицира зелените пазари

Иако зелените пазари редовно се метат и пазарските површини се мијат, од „Скопски пазар“ веќе нарачале дезинфекциски средства за дезинфицирање на подните површини и на пазарските тезги. И досега, велат дека реализирале редовна дезинфекција на јавните тоалети на пазарите.
– Од „Алкалоид“ нарачавме две средства за дезинфекција на зелените пазари. Средството „дезинтал“ ќе се користи за миење и дезинфицирање на подните површини, додека со „екосал“ ќе се дезинфицираат тезгите. Очекуваме средствата да пристигнат и до крајот на неделава да почнеме со нивната употреба – рече Младен Дамев, првиот човек на „Скопски пазар“.