Јавните телефонски говорници заминуваат во историјата

279
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Порано граѓаните чекаа ред за да дојдат до слушалка на јавните говорници. Сега нема ред, а нема ниту слушалки туку само искорнати кабли и расипани апарати, полни со прашина, кои се нефункционални. Некогаш најкористени средства за комуникација, а денес само стари кутии што ги нагрдуваат градските улици. Граѓаните одамна ги заборавија јавните телефонски говорници. Напредокот на мобилната телефонија и на Интернет придонесоа луѓето да ги заборават навиките за користење на овие комуникациски средства.

Нашите јавните телефонски говорници иако се ретки, сепак, сѐ уште постојат како такви, уништени и без слушалки. Порано модерни и убави, а денес нефункционални потребно е да се отстранат доколку не се враќаат во употреба. На територија на Македонија во 2003 година беа поставени 1.060 говорници од кои 600 беа монтирани во градот Скопје. Во 2012 година во Скопје опстоија 200 говорници, од кои половина беа функционални. За нивно користење беа потребни еврочип-картички. Тоа беа картички за разговор од јавните телефонски говорници, во вредност од 150, 250 и од 500 денари и можеа да се купат во продавниците на „Македонски телеком“ или, пак, во продажната мрежа на овластени партнери. Одамна веќе овие чип-картички не се продаваат по трафиките. Во 2014 година беше најавено повторно враќање на јавните телефонски говорници, а наедно се вршеше ревизија за потребата од говорници. Се објавуваше дека враќањето на јавните телефонски говорници ќе се спроведе на најфреквентните локации на јавните места во Скопје и дека нивниот број ќе биде намален. Кога заврши процесот на процена, бројот на говорниците изнесуваше стотина низ државата. Поради трендот на современата технологија и развивањето на социјалните медиуми, кои овозможуваат полесна и попристапна комуникација, оваа иницијатива е сега напуштена.

– Сепак, имајќи ги предвид новите технолошките трендови и користењето на мобилната телефонија, евидентно е намалувањето на потребата од јавните говорници како светски тренд, па и во Македонија. Со оглед на недоволната искористеност од страна на корисниците, очекуваме на следниот јавен повик говорниците да не бидат вклучени во листата на услуги како дел од универзалната услуга – велат од „Македонски телеком“.
Некои од јавните говорници се отстрануваат по претходно барање за дислокација од страна на институциите. По отстранувањето, во согласност со законските регулативи, јавните говорници ги презема овластена фирма за управување со електронски отпад.
Според трендот што го пројавуваат другите земји вклучувајќи ја и нашата, со сигурност може да кажеме дека јавните телефонски говорници полека но сигурно заминуваат во историјата.


Како е во Европа и во светот

Јавните телефони надвор од Македонија сè уште се употребуваат доколку корисниците не се во можност да ги користат своите мобилни телефони. На пример, доколку им биде украден мобилниот телефон тие се одлучуваат за користење јавен телефон. Но често во итен случај телефонски повик може да се направи од хотел, продавница или, пак, од случаен минувач што поседува мобилен телефон, со што се намалува потребата од јавните телефони. Затоа земјите што поседуваат јавни телефонски говорници се одлучуваат за прекин на ваквиот вид услуги и ги отстрануваат телефонските говорници. Белгија, Данска, Финска, Шведска од 2007 до 2017 година ги отстранија последните телефонски говорници. Во 2004 година, Јордан стана првата земја во светот без јавни телефонски говорници. Прогресивноста на мобилната телефонија во таа земја е толку голема што телефонските говорници воопшто и не се користени. Англија, која е позната по своите говорници со уникатен изглед, постојано ги отстранува истите тие. Начинот на кој се отстранува кабината може да биде без консултации, под услов да има друга кабина на растојание од 400 м. Телефонските говорници во Англија вклучуваат 7.000 традиционални кутии за црвен телефон, кои сѐ уште се справуваат со 33.000 повици дневно, и покрај широката распространетост на мобилните телефони. Сепак, повеќе од половина од говорниците губат пари и во околу една третина не се остварува ни еден телефонски повик месечно. Англискиот оператор БТ, кој ја овозможува оваа услуга исто така има 10.000 телефонски говорници во затворите, болниците и железничките станици од кои има заработка.