Што ќе донесе градежната офанзива на улиците во метрополата

Оваа и наредната 2021 година, Градот планира да инвестира во сообраќајници во вредност од 760 милиони денари / Фото: Игор Бансколиев

Во моментов се реконструираат повеќе градски сообраќајници што се од витално значење за секојдневното функционирање на населението, а до крајот на 2020 година ќе бидат завршени тендерските постапки и ќе се почне со изградба и реконструкција на уште повеќе улици, најавуваат градските власти

СЕ БАРА ТРПЕЛИВОСТ ПОРАДИ РЕКОНСТРУИРАЊЕТО НА ПАТНАТА ИНФРАСТРУКТУРА

Пандемијата предизвикана од коронавирусот не ги запре инфраструктурните градежни активности што се во надлежност на градските власти. Метрополата е во градежна офанзива, се градат и се реконструираат улици речиси во секоја скопска општина. Скопје ќе се поднови со помодерни и пофункционални сообраќајници по кои граѓаните ќе можат да возат автомобили и велосипеди непречено, а што е најважно – безбедно.
Оваа и наредната 2021 година, Градот планира да инвестира во сообраќајници во вредност од 760 милиони денари.
Во моментов се реконструираат повеќе градски сообраќајници што се од витално значење за секојдневното функционирање на населението. Се градат и се реконструираат улиците Македонско-косовска бригада, Есенинова, Востаничка, Џон Кенеди, Лазар Личеновски, Боца Иванова, Благоја Стефковски и булеварите Александар Македонски и Видое Смилевски-Бато.
Градските власти информираат дека до крајот на годината ќе почне реконструкција и на други сообраќајници.

– До крајот на 2020 година ќе бидат завршени тендерските постапки и ќе се почне со изградба и реконструкција на дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, кај Клубот на пратеници; изградба и реконструкција на булеварот Никола Карев (фазна реализација – до Момин Поток); реконструкција на булеварот Киро Глигоров (фазна реализација); реконструкција на улицата Васил Ѓоргов (од улицата Франклин Рузвелт до булеварот Мајка Тереза); реконструкција на улицата Никола Парапунов; реконструкција на улицата Никола Карев, од раскрсницата со булеварот Трета македонска бригада до раскрсницата со булеварот Кузман Јосифовски-Питу; реконструкција на булеварот 8 Септември (од булеварот Илинден до улицата Скупи); реконструкција на улицата 11 Октомври од раскрсницата со булеварот Кочо Рацин до раскрсницата со улицата Филип Втори Македонски – информираат од Град Скопје.
Граѓаните иако нервозни, сепак велат дека конечно главниот град ќе почне да личи на светските метрополи со улици како што доликуваат.

– Навистина се потребни многу нерви наутро да се стигне на работа. Метеж има насекаде, сите се нервозни, свират, а понекогаш може да се слушне и понекоја пцост. Сепак, факт е дека сите мора да го издржиме ова затоа што се прави за сите нас. Да, знам дека е стресно секое утро да се соочуваме со закочен сообраќај, но кога сето тоа ќе заврши конечно ќе можеме непречено да се движиме до посакуваната крајна цел. Јас не паметам кога во Скопје се случувало вакво нешто. Навистина редно беше да се средат сообраќајниците, особено затоа што градот има веќе милион жители и бројот на возилата е зголемен и не е како порано – вели Владимир Трајковски, жител на Скопје.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, уште на почетокот на годината ги најави овие градежни активности. Тогаш тој истакна дека оваа градежна офанзива ќе се прави за да се ослободат повеќе пари во економијата инвестирајќи најмногу во домашниот градежен сектор, кој е одговорен за голем број вработени и учествува со сериозен дел во БДП на државата.
Неодамна Шилегов истакна дека улици се реконструираат летно време поради намалениот број возила што сообраќаат, меѓутоа годинава, поради пандемијата на коронавирусот, во метрополата немало период кога немало метеж, односно сообраќаен шпиц.

Тој нагласи дека не може во исто време да се реконструираат улици и да нема метеж.
– Ги замолувам граѓаните да бидат трпеливи – истакна Шилегов.
Годинава беа реализирани капиталните проекти што беа почнати минатата година за проширување и реконструкција на булеварот Никола Карев (Пластичарска), изградба на булеварот Христијан Тодоровски Карпош – втора фаза и негово поврзување со обиколницата, проширување на булеварот АСНОМ – прва фаза, а во тек е втората фаза за изградба на мост преку Вардар, како и изградбата на булеварот Босна и Херцеговина. Исто така, реконструирана беше и улицата Борис Сарафов.

[email protected]