Шилегов: Никогаш да не згасне споменот за нашите ослободители

101

Делегации од земјава и од странство денеска положија цвеќиња пред Споменикот на ослободителите, на платото пред Владата, во чест на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје. Цвеќиња денеска положи и делегација на град Скопје, составена од градоначалникот Петре Шилегов, претседателката на Советот на град Скопје, Љубица Јанчева и секретарот на град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ.

– Секој град има посебни датуми во својата историја. Некои градови го слават денот на своето основање, некои го слават денот на својот заштитник, но зар има поголема, повеличествена прослава од тоа да се чествува слободата?! Слободата којашто ја извојувавте вие, ценети наши борци. Вие што ја жртвувавте својата младост за ова што го живееме денес. Искрено, се радувам што Скопје не слави некакви легендарни основања и митски војсководци туку го слави највисокиот идеал на секој човек – слободата! Но, ниедна борба за слобода не е лесна, а најмалку нашата. Многу борци ги положиле своите животи за нашата подобра иднина, а меѓу нив и оние чија дејност целосно била врзана за Скопје: Орце Николов, Вера Јоциќ, Цветан Димов, Раде Јовчевски-Корчагин, Александар Урдаревски, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Дане Крапчев, Боро Петрушевски… Овој наш град го загуби речиси целото свое еврејско население, а во текот на војната животите ги загубиле 4.654 граѓани на Скопје, од кои 956 во борбите, а 3.698 како жртви на фашистичкиот терор – потсети градоначалникот Шилегов, во своето обраќање пред присутните, пред Споменикот на ослободителите.
Тој повика уште еднаш да ја оддадеме нашата длабока почит, кон сите оние што го дале својот живот за слободата на градот и кон сите преживеани борци, кои се тука да не потсетат за тој 13 ноември пред 75 години.

– Да не потсетат на многубројните херојски борби, кои со нескриен слободарски дух се водеа тој ден низ скопските улици и уште еднаш како и во секоја наредна година, да ги пренесат спомените на новите генерации кои доаѓаат, како идни граѓани на овој град. 13 Ноември не обврзува на почит и верност кон овој град, за да не заборавиме колку е скапа слободата. Ако сите го сакаме овој град како што го сакаа нашите ослободители, тогаш Скопје несомнено ќе биде поубаво место за живеење. Нека ни се честити 75 години слободно Скопје и никогаш нека не згасне споменот на нашите ослободители – рече денеска Шилегов.
Пред Споменикот на ослободителите на Скопје, цвеќиња и венци денеска положија и делегација на Градскиот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ; делегација на Советот на град Скопје; делегација од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија; делегација од Владата и од Собранието на Република Македонија; делегации на дипломатскиот кор, политичките партии, oпштините на град Скопје, јавните претпријатија и културните установи на град Скопје; делегација на Црвениот крст и граѓани на Скопје.