Шилегов најави летна градежна офанзива 

283

Градот Скопје почнува градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските сообраќајници во вредност од 760 милиони денари, во тековната и наредната година, најави градоначалникот Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.

– Светската пандемија на корона вирусот нема да ги запре инфраструктурните градежни активности што се во надлежност на Град Скопје, туку напротив, тие ќе продолжат со исто или засилено темпо. Ова го правиме од една здраворазумска и хумана причина за која зборував на почетокот на овој месец. Во изминатите две години Град Скопје покажа одлични финансиски резултати. Советот две години по ред усвојува завршни сметки од кои јасно се гледа дека буџетот е на стабилни нозе и дека може да ги исполни своите цели. Ваквите финансиски резултати овозможуваат Град Скопје да нема рестрикции во планираната изградба и реконструкција на градската инфраструктура, притоа откажувајќи се од дел од средствата од најголемите свои приходи – комуналиите, комуналните такси, закупот на јавен простор и слично. Ова го правиме со цел да ослободиме повеќе пари во економијата инвестирајќи најмногу во домашниот градежен сектор кој е одговорен за голем број вработени и учествува со сериозен дел во БДП на Република Северна Македонија. Сакаме да ги сочуваме сите работни места во десетиците стопански гранки кои ги обединува градежништвото – рече Шилегов.

Тој додаде дека Градот Скопје ќе продолжи со интензивна изградба и реконструкција на градските сообраќајници, односно, до крајот на 2020 година ќе бидат завршени тендерските постапки и ќе почне изградба и реконструкција на следните сообраќајници:
– Изградба и реконструкција на дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, кај Клубот на пратеници;
– Изградба и реконструкција на улицата Македонско-косовска бригада – фазна реализација;
– Изградба и реконструкција на булеварот Никола Карев (фазна реализација – до Момин поток);
– Изградба на улицата Есенинова и подземни бунари со линиски системи;
– Реконструкција на булеварот Александар Македонски (фазна реализација, од улицата 16.Македонска бригада до излезот на Скопје);
– Реконструкција на булеварот Киро Глигоров (фазна реализација);
– Реконструкција на булеварот Видое Смилевски Бато (фазна реализација, од булеварот Јане Сандански до улицата Февруарски поход);
– Реконструкција на улицата 11.Октомври од раскрсницата со булевар Кочо Рацин до раскрсницата со улица Филип Втори Македонски;
– Реконструкција на улицата Востаничка;
– Реконструкција на улицата Васил Ѓоргов (од улицата Франклин Рузвелт до булеварот Мајка Тереза);
– Реконструкција на улицата Никола Парапунов;
– Реконструкција на улицата Никола Карев, од раскрсницата со булевар Трета македонска бригада до раскрсницата со булевар Кузман Јосифовски – Питу;
– Реконструкција на булеварот 8.Септември (од булеварот Илинден до улицата Скупи)
– Реконструкција на улицата Џон Кенеди (од улицата Македонско-косовска бригада до булеварот Христијан Тодоровски Карпош);
– Реконструкција на улицата Лазар Личеновски – фаза 2;
– Реконструкција на улицата Благоја Стефковски (фазна реализација -трета фаза).

Шилегов нагласи дека Градот Скопје продолжува да гради со засилено темпо, со рекордно кратки рокови и во сите 10 скопски општини – следната недела ќе биде пуштен во употреба булеварот Христијан Тодоровски Карпош, интензивно се работи на втората фаза од реконструкцијата на улицата Индира Ганди и на првата фаза од булеварот Босна и Херцеговина, а наредната недела се очекува да почне и втората фаза од изградбата на овој булевар.

– Очекувам да биде пуштен во употреба булеварот АСНОМ во првата фаза, а наредната година очекувам да го пуштиме во употреба и мостот преку Вардар. Годинава очекувам да почнат градежни активности на големата раскрсница кај Момин поток и на мостот во Карпош 4, да почнат градежни работи на продолжението на булеварот Борис Трајковски и да ја почнеме третата фаза на булеварот АСНОМ низ Ќерамидница. Развојот на сообраќајната инфраструктура во нашиот град не смее да запре. Скопје ќе продолжи да ја развива својата улична мрежа истовремено со мрежите на велосипедски и пешачки патеки за да обезбедиме одржлива урбана мобилност која подразбира безбеден и ефикасен сообраќај за нашите граѓани. На тој начин директно ќе придонесеме за намалување на економската криза, не само во нашиот град, туку и во целата држава. Ова го правиме за доброто на сите нас. Кризата ќе помине, животот продолжува. Чекор по чекор градот ќе продолжи да се развива – рече Шилегов.