Шилегов: Воведуваме нови стандарди во уредувањето на јавниот простор

266

Градоначалникот Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, денеска го промовираа новиот плочник кој се наоѓа помеѓу влезот на ГТЦ и градскиот плоштад. За реализацијата на овој проект од градскиот Буџет се потрошени околу 33 милиони денари.

– Воведуваме нови стандарди во уредувањето на јавниот простор во Скопје. Овој простор пред само неколку месеци го препознававме како местото каде што на првиот посилен дожд се собираше вода на пропаднатиот асфалт која ни го ограничуваше движењето. Овој простор заедно со зелениот покрив на ГТЦ го претставуваат всушност новиот стандард за изгледот на јавниот простор во нашиот град и се вклопуваат еден во друг, со цел на нас и на граѓаните на целата држава им бидат простор на којшто може да поминат убави моменти. За реализацијата на овој проект од градскиот Буџет потрошени се околу 33 милиони денари со вклучен ДДВ – рече Шилегов.

Тој додаде дека тука е и местото каде што е родена Мајка Тереза која при посетата на Скопје во почетокот на 80-тите години, заедно со тогашниот скопско-призренски бискуп Јоаким Хербут и тогашниот градоначалник Методи Антов, засадиле 3 дрвја во малото паркче, кои се уште се таму.

– Овој тревник зад мене, за жал, во 2012 година, од претходната власт бил продаден и на овој простор треба да никне 20-метарска, можеби и повисока зграда, и на аголот на стоковната куќа улицата да биде широка помалку од три метри. Овој простор е приватен и на него Градот не може да инвестира и да го уреди, меѓутоа додека сум јас градоначалник, заедно со градоначалникот на Општина Центар и со советниците на Град Скопје, ќе се грижиме овој простор да остане јавен простор и нема да дозволиме да се изгради зграда. Ве повикувам и вас граѓаните да застанете во одбрана на овој простор и да не дозволиме ова место каде што беа тепани студенти да стане зграда. Исто така, ги повикувам и надлежните институции, односно Јавното обвинителство и Јавното правобранителство, конечно, да се на ниво на нивните функции коишто ги извршуваат и да ја поништат продажбата и да ја вратиме сопственоста каде што припаѓа. Овој простор е на Град Скопје, а не е простор на кој ќе се прават луди барокни експерименти – нагласи Шилегов.

Плочникот е со површина од речиси 5.000 квадратни метри, а е изграден од три вида плочки на кои е изведена патека за лицата со инвалидитет. Поставена е и соодветна урбана опрема која подразбира оптимален број на клупи, канти за отпадоци, осветлување, атмосферска канализација и заштитни столпчиња што ќе го спречат непрописното паркирање и движењето на возилата. Исто така, се формирани и дрвореди од 22 повеќегодишни дрвја.