Шареноликост кај автобуските постојки

152
Граѓаните можат да иницираат поставување стреи Фото: Игор Бансколиев

Сѐ уште има автобуски станици на кои има само од старите стреи, популарно наречени печурки, или пак воопшто нема, па граѓаните чекаат автобус под ведро небо

Запре ли проектот за поставување нови стреи на автобуските постојки со комплетна урбана опрема, се прашуваат граѓаните, бидејќи на некои постојки во градов чекаат автобус на отворено. Сѐ уште има автобуски постојки на кои или има само од старите стреи, популарно наречени печурки, или пак воопшто нема и чекаат автобус под ведро небо. Така е на пример на постојката спроти хотелот „Холидеј ин“. За разлика од неа, на претходната „Рекорд“ и на онаа по неа пред основното училиште „Кирил и Методиј“ одамна се поставени нови стреи, клупи и канти за ситен отпад. Нема никаква стреа ниту пред средното економско училиште „Арсени Јовков“, ниту на станицата по неа, пред црквата „Свети Никола“, на улицата Втора македонска бригада. Отспротива, пак, одамна се поставени и стреа и урбана опрема, од новиот тип автобуски постојки.
Зошто остана ова шаренило не им е многу јасно на граѓаните, а некои пак се прашуваат дали тие сами треба да побараат поставување и обележување на постојките што во моментов не прилегаат на автобуски стојалишта. Други, пак, се прашуваат дали можеби општините треба да реагираат и да се обратат до градските власти, па новиот тип автобуски стојалишта да се изедначат насекаде. Од јавното сообраќајно претпријатие велат дека проектот за нови автобуски стојалишта, односно поставување нова урбана опрема и стреи не е запрен, туку е реализиран во целост во согласност со првично утврдениот план. Од друга страна, пак, признаваат дека на некои автобуски или има од старите стреи или воопшто нема никакви и тие навистина недостигаат. Објаснуваат дека постои можност и граѓаните да побараат поставување стреи и урбана опрема, преку иницијатива од урбаната заедница до ЈСП Скопје.

– Проектот беше финансиран со средства од буџетот на градот Скопје. Почна да се реализира во 2013 година, а заврши во 2017 година, при што биле уредени вкупно 277 автобуски стојалишта на кои е поставена нова урбана опрема. Во согласност со последните анализи на терен, постојки недостигаат на 16 автобуски стојалишта, на кои или воопшто нема стреи или има од стариот тип. Во случајов станува збор за локации на кои се наоѓаат привремени објекти, кои треба да се регулираат од страна на општинските служби, односно предметните општини да обезбедат услови на терен за да се постави соодветната урбана опрема. На некои од стојалиштата на кои нема никаков тип урбана опрема постојат нерасчистени имотноправни односи, па поради тие причини не биле усогласени со соодветниот проект за поставување на урбаната опрема – објаснуваат од ЈСП „Скопје“.

Одговорните од претпријатието се децидни дека во скоро време не е планирано поставување нови стојалишта со урбана опрема и стреи. Во еден дел самите се контрадикторни, бидејќи, од една страна, велат дека граѓаните можат сами да побараат поставување стреи, а од друга, пак, дека во скоро време не е планирано поставување нови, со образложение дека тие треба да се вклопат со новиот концепт на јавен превоз што се планира да се воведе.

– Новиот концепт на јавен превоз, меѓу другото, подразбира и неопходно усогласување на постојните автобуски стојалишта со новите, чија потреба ќе се појави со воведувањето нови линии, односно нови траси – образложија од ЈСП.