Чаир ќе добие зелен плоштад на површина од 3.865 квадрати

123
Паркот ќе има систем за полевање со 10 хидранти и 65 прскалки

Општината Чаир ќе добие нов зелен плоштад, кој ќе биде лоциран на аголот на вкрстувањето на улиците Втора македонска бригада и Кемал Сејфула, односно спроти ОУ „Петар Здравковски-Пенко“. Паркот ќе биде подигнат на површина од 3.865 квадратни метри врз стара тревна површина, која одамна не е обновена. Активностите за изградба на новиот т.н. зелен плоштад ќе се одвиваат етапно во неколку фази. Сега се изведуваат подготвителните работи, поточно се прекопува површината, се изнесуваат шутот и отпадоците и ќе се нанесува плодна земја. Дури потоа ќе се посее тревно семе и хортикултурно ќе се уредува просторот. На крајот ќе се постави системот за полевање на зеленилото, со вградување 10 хидранти и 65 прскалки.

– По иницијатива на екоактивисти и по барање на граѓани, со налог на градот Скопје и во соработка со општината Чаир, екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ почнаа со хортикултурно уредување на јавна површина, зелен плоштад спроти поликлиниката „Чаир“ и ОУ „Петар Здравковски-Пенко“. Блоковското зеленило на оваа локација е деградирано и уништено и досега воопшто не е обновено од неговото подигнување – објаснуваат од ЈП „Паркови и зеленило“.

Старата тревна површина беше уништена и од градежните зафати што се реализираа на станбената зграда во близината, на која уште се работи на проширувањето на терасите.

Од претпријатието велат дека ова е еден сегмент од планираните проекти на ЈП „Паркови и зеленило“ за уредување и реконструкција на јавните зелени површини. Тие и понатаму ќе работат на подобрување на животната средина и на квалитетот на животот на граѓаните.