Чаир ќе добие брз автобуски превоз

346

Град Скопје ја почна постапката за јавна набавка за изработка на основниот проект за реконструкција и изградба на булеварот Цветан Димов во општината Чаир, на потегот од крстосницата со улицата Џон Кенеди до крстосницата со булеварот Никола Карев.
Проектната задача предвидува модерно булеварско решение со шест коловозни ленти, по три во една насока, тротоари, велосипедски патеки, зеленило и ново осветлување по должината на целата траса од 1.100 метри. Од особена важност е фактот што на овој потег е предвидено да минува втората траса на БРТ-системот на брз автобуски превоз, која ќе се движи од Бутел до Кисела Вода.
– Изградбата на овој дел од булеварот Цветан Димов е од исклучителна важност за жителите на Општините Чаир и Бутел, од причина што ја врзува улицата Џон Кенеди со булеварите Крсте Мисирков и Никола Карев. Изработката на овој основен проект верувам дека ќе биде добра основа да се создадат услови веќе следната година да влеземе во реализација на изведбата на овој дел од булеварот Цветан Димов – рече градоначалникот Петре Шилегов.

Значајно е да се нагласи дека со развојот на сообраќајната инфраструктура во северниот дел од градот, Град Скопје создава услови што директно влијаат на зголемување на мобилноста на жителите на овие скопски општини, што индиректно влијае и на подобрувањето на локалниот економски развој.
– Придобивките од нашите заложби во овој дел во изминатите четири години граѓаните веќе почнаа да ги чувствуваат и поздравуваат, што особено ме радува. Тоа, на некој начин, е реализација на нашата визија за Скопје како еднаков град за сите жители што во него го основале својот дом – нагласи градоначалникот Шилегов.