Центар ја руши дивата населба во Урбаниот парк

496
На диво вселените станари им е понудено сместување во едно од прифатилиштата на Министерството за труд и социјална политика

Општината Центар со асистенција на претставниците на Министерството за внатрешни работи почна да ги руши старите објекти во Урбаниот парк, во кои веќе подолг период живеат и на диво се вселени повеќе лица. Овие станари го нагрдија Урбаниот парк и во него создадоа цела населба на социјално загрозени лица, кои се занимаваат со собирање пластични шишиња. Општината Центар веќе подолго време се обидуваше да разговара со тамошните жители да ги напуштат објектите и да го ослободат паркот. Надлежните од Центар вчера пристапија кон извршување на решението на инспекциските служби за отстранување на дивоградбите, но и на диво поставената населба.

– Станува збор за објекти што се изградени од ПУИГ, но потоа во нив диво се населија други жители, кои буквално го запоседнаа паркот, градејќи импровизирани живеалишта, каде што складираа пластичен отпад и секаков вид шут. Изминатиот месец континуирано се разговараше со лицата што беа сместени во паркот и им беше посочено дека ќе мора да го напуштат ова нивно привремено незаконско живеалиште. На луѓето им се понуди и сместување во едно од прифатилиштата на Министерството за труд и социјална политика. Некои од овие граѓани прифатија, но некои од нив не се согласија – соопштуваат од општината Центар.
По комплетното расчистување на просторот, општината ќе почне со реконструкција, зазеленување и поставување урбана опрема во паркот. Надлежните од Центар велат дека, како што ветувале во изборниот период, нема да дозволат дивоградби на својата територија и ќе носат решенија за нивно отстранување.
Урбаниот парк беше подигнат во времето кога градоначалничка на општината Центар беше Виолета Аларова.