Целосно ќе се реконструира патот Јурумлери – Драчево

1368

Пред месната заедница Долно Лисиче се одржа средба меѓу надлежните и граѓаните од оваа населба во врска со реконструкцијата на регионалниот пат Јурумлери – Драчево и другите проблеми со кои се соочуваат жителите од овој реон. На средбата учествуваа градоначалникот на општината Аеродром, Златко Марин, директорот на јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов и претседателката на советот на општината Аеродром, Ивана Цветковска.

Со оглед на тоа, регионалниот пат во Долно Лисиче е долгогодишен проблем за локалното население, директорот на јавното претпријатие „Државни патишта“, Китанов, под чија надлежност е овој пат, информира дека се обезбедени средства од Светска банка за негова целосна и темелна реконструкција. Планирано е реконструкцијата да почне во најкраток можен рок, веднаш по завршувањето на тендерската процедура, која се очекува да трае до крајот на јуни годинава. На средбата се зборуваше и за санација на други локални улици во Долно Лисиче, односно за проекти за реконструкција на улиците 2, 4 и 20, за кои општината Аеродром има изработено проекти.