Храбрите делат храна кај сиромашните

191
Наместо зготвена, сега се донира конзервирана храна

Пакети со храна и хигиенски средства, но и заштитни маски и ракавици во Шуто Оризари делат Црвениот крст и фондот „Отворено општество на Македонија“. Во овие сложени услови не престануваат да работат и познатата организација „Ретвитни оброк“ и здружението на граѓани „Љубезност“, за да достават храна до сиромашните

Здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот уште повеќе ги погоди социјално ранливите категории граѓани, а ги зафати и оние семејства што можеби останаа и без единствената минимална плата што ја имаа. За жал, сите тие сега тешко доаѓаат до храна, а уште потешко можат да си дозволат да купат хигиенски средства и средства за заштита. Меѓутоа, постојат невладини организации, хуманитарни граѓански здруженија и слични институции што и во овие сложени услови им се на услуга на граѓаните што се сиромашни, социјални случаи, болни и неподвижни и слично. Луѓето во тие организации навистина ги заслужуваат сите пофалби за храброста и за својот ангажман.

Пакети со храна и хигиенски средства, но и заштитни маски и ракавици дели и Црвениот крст на Македонија, од каде што велат дека соработуваат со кризните штабови во општините и со граѓанските организации, за да можат да им однесат храна на што поголем број семејства. Само во Шуто Оризари досега Црвениот крст на Македонија, во соработка со институтот „Отворено општество“, има поделено 1.900 пакети со прехранбени производи и 1.900 пакети со хигиенски средства, во вкупно 800 семејства. Вакви пакети им се доставени и на 200 семејства во Тетово, 200 во Куманово и 200 во Гостивар. По 150 пакети со храни и исто толку со хигиенски средства се доставени во Битола, Прилеп, Виница и во Делчево. За наредната недела се подготвуваат уште 650 пакети со храна и со хигиенски средства.

Познатата невладина организација „Ретвитни оброк“ и здружението на граѓани „Љубезност“ и во овие услови не престануваат да работат, за да достават храна до сиромашните, но сега изолирано, во поинакви услови, приспособени на актуелните состојби и мерки со коронавирусот.
Само во Скопје на терен секојдневно се десет мобилни екипи на Црвениот крст на Македонија, распоредени на пет локации. Тимовите им се на располагање на граѓаните и секој ден одговараат на повици од 8.30 до 12 часот. Тие опслужуваат граѓани што се во изолација и во самоизолација и граѓани позитивни на коронавирус што се лекуваат во домашни услови. Тимовите одат и по набавка на храна и лекови со пари од граѓаните. Но ги опслужуваат и втората група граѓани, во кои спаѓаат оние со онколошки заболувања, до кои доставуваат медикаментозна терапија, а достава вршат и до оние граѓани што се зависници од метадонска терапија.

Во третата и посебна група се граѓаните од ранливите категории, до кои тимовите на Црвениот крст доставуваат пакети со храна и хигиенски средства. Во пакетите со храна се наоѓаат основни прехранбени производи, како масло, брашно, ориз, макарони, кечап, супи, сол и повеќе конзервирана храна, додека во хигиенските пакети има прашок, шампони, сапун и заштитни ракавици, маски и средства за дезинфекција.
– Постојано се прават списоци со имиња на граѓани на кои им треба помош во храна и хигиенски средства. До 10 април ќе направиме еден пресек за да видиме има ли граѓани што се јавиле, побарале помош, а сѐ уште не ја добиле. Ваков пресек ќе имаме и на крајот од месецов. Доколку е потребно, ќе формираме уште еден тим за доставување храна и хигиенски пакети, а во земјава имаме 26 тима во 26 града.

Имаме соработка и со граѓанските организации, за да не се повторуваат донациите, соработуваме со кризните штабови во општините, кои најдобро можат да нѐ информираат кому му е потребна помош. Од денеска ќе донираме нови пакети во општините Карпош и Ѓорче Петров, а тимовите ќе им достават и пакети на 12 лица што живеат сами, без семејство. Во оваа актуелна здравствено-економска криза луѓето се исплашени, а некои се во страв и паника. На оние лица што немаат доволно пари за храна и лекови, оваа состојба им прави дополнителен стрес. Слушаат бројки за заразени и умрени и во сета таа ситуација се јавуваат и бараат помош – вели Сузана Тунева Пауновска, секретарка на Црвениот крст.

Од организацијата „Ретвитни оброк“ велат дека поради состојбата со коронавирусот тие сега не готват, како што правеа претходно. Сега се концентрирани на собирање донации, односно повеќе конзервирана храна.
– Не сакаме да ги оставиме гладни луѓето, а истовремено се придржуваме и до мерките, па затоа не делиме готови оброци, туку повеќе делиме леб со конзерви грав, гулаш, грашок, риба, паштети и други видови конзервирана храна. Ни пишуваат фирми што сакаат да донираат и успеваме да обезбедиме околу 150 оброци дневно. Соработуваме со организацијата „Љубезност“, која се грижи за транспортот. Преку недела, храната им се дели на неколку локации, ги знаеме кои се тие луѓе, а секоја сабота на платото пред спомен-домот на Мајка Тереза. Сега доаѓаат еден по еден, им даваме дезинфекциско средство, а потоа им го подаваме ќесето со храна. Кога имаме повеќе јавувања а помалку храна, ги препраќаме во Црвениот крст или во „Љубезност“ – вели Теодора Цветковска од „Ретвитни оброк“.

Од граѓанското здружение „Љубезност“, заедно со „Ретвитни оброк“, порано готвеле по 230 оброци, но сега, во овие новонастанати услови, не готват, бидејќи сите се во изолација, туку само собираат донации. Инсистираат храната што ја купуваат или донираат фирмите веднаш да ја преземат од маркетите.
– Нашето работење сега малку го модифициравме, поради препораките и мерките од Владата, која претходно ја информиравме дека сакаме да продолжиме со работа, бидејќи има многу гладни луѓе. Ни беше одобрено да работиме и сега, наместо групно, сите што треба да добијат храна секоја сабота доаѓаат еден по еден, од 12 до 14 часот, на платото пред спомен-домот на Мајка Тереза.

Поради полицискиот час викендов, а и поради новите термини за забрана за излез на постари лица, ќе мора да ги промениме термините. Освен храна, им делиме заштитни маски и ракавици и материјали за едукација како да ја одржуваат хигиената. На некои семејства им носиме до врата, а таму каде што е алармантно, донираме и мебел и облека до врата, секако опремени со заштитни маски и ракавици – вели Тони Станковски, претседател на „Љубезност“.