Фото: Игор Бансколиев

Не постои законска можност кој било, освен сопственикот, да го отстрани возилото што зафаќа паркинг-простор пред зградите во повеќе скопски населби

Во неколку скопски населби тешко е да се најде слободен паркинг-простор пред станбените згради. Така е во Кисела Вода, Автокоманда, Бутел, во Чаир, речиси во повеќето скопски населби. Во трката за слободен паркинг не се вклучуваат само сопствениците на хаварисаните автомобили, бидејќи тие со години узурпираат паркинг-место и никој не може да им го одземе. Многупати поради тоа има соседски расправии, бидејќи на старите и хаварисани возила местото им е во отпад или во гаража, а не на паркинг. Проблемот со овие возила само става акцент на фактот дека многу недостигаат оние пролетни акции од минатото што ги организираа општините за да ги отстранат хаварисаните возила. Од општината Бутел велат дека сега локалната самоуправа нема таква законска можност, бидејќи комуналните инспектори можат да бидат тужени од сопствениците на хаварисаните возила и да завршат на суд.

– Нашите комунални инспектори имаат иницијатива да ги лоцираат и пребројат хаварисаните возила на територијата на општината Бутел и тука завршуваат нивните ингеренции. Ништо повеќе не можат да преземат, освен да ги опоменат сопствениците самите да ги отстранат. Уште пред повеќе од пет години самите комунални инспектори констатираа дека не можат да постапат ниту по Законот за јавна чистота, ниту по Законот за сообраќај и поради тие законски недоречености бараа да се одреди кој ќе биде задолжен за подигање на хаварисаните возила. Локалната самоуправа нема надлежност, па ситуацијата со хаварисаните возила сѐ уште е статус кво – вели Снежана Клинчарова, портпаролка во општината Бутел.

Од општината Центар објаснуваат дека комуналните инспектори немаат надлежност да вршат инспекција и да постапуваат со хаварисаните возила на територијата на општината Центар. Надлежни се „Паркинзи на општината Центар“ и Министерството за внатрешни работи. Од оваа скопска општина велат дека со последните законски измени од пред четири години им се одземени надлежностите на општините да постапуваат со хаварисаните возила.

Од општината Гази Баба, пак, тврдат дека сѐ уште реализираат активности за подигање на хаварисаните возила. Евидентирале околу 60 такви во Автокоманда, Железара, Ќерамидница, Ченто, Маџари и во Хиподром. Досега отстраниле 30 возила во Автокоманда и уште 10 се во постапка. Возилата биле отстранети од страна на сопствениците. Инаку, во општината Гази Баба неодамна на хаварисаните возила реагираа жителите на Автокоманда, кои побараа од општината да го реши проблемот.

– Овластениот комунален инспектор во општината Гази Баба веќе работи, односно ја спроведе акцијата за отстранување на хаварисаните возила во урбаниот дел на општината. Постапка за отстранување е следна: за да се избегнат трошоците на граѓанинот, најпрво се става жолта налепница со датум како известување (опомена) во рок од 15 дена да го отстрани самиот. Доколку не го отстрани, комуналниот инспектор по регистарските таблички обезбедува податоци за сопственикот.

Подготвува записник за констатација и донесува решение за отстранување во рок од три дена. Доколку нема регистарски таблички, се подготвуваат записник и решение на непознат сопственик и се ставаат на самото возило. Досега имало четири возила со непознат сопственик и тие се отстранети. Акцијата се одвива успешно и ќе продолжи и понатаму во другите населени места – информираат од Гази Баба.

Поранешен комунален инспектор од една друга скопска општина вели дека хаварисаните возила во суштина се проблем за општините и за комуналните инспектори. Тие навистина не можат ништо да сторат, бидејќи нивните сопственици секогаш можат да се пожалат дека нешто им недостига на нивните возила и да побараат штетата да им бидат надоместена. Проблематиката со хаварисаните возила најпрвин била дел од Законот за јавна чистота, а потоа дел од Законот за безбедност во сообраќајот, но, според неговото искуство, оваа проблематика има законски недоречености, поради што ги спречува општините во постапувањето со хаварисаните возила.

Како пример ја наведува акцијата на општината Карпош пред повеќе години, кога сите хаварисани возила биле собрани и однесени на топење, за што потоа сопствениците ја тужеле општината. Дури, вели, општините и да ги однесат собраните хаварисани автомобили на некое депо, кое самите го одредиле, а најчесто нема такви површини, тие повторно можат да бидат тужени од сопствениците на старите автомобили. Но општината во секое време може да го опомене сопственикот на хаварисаното возило со барање да го отстрани од паркингот.

Потребна е законска измена за точно да се дефинираат работите, вели овој поранешен комунален инспектор, кој смета дека иницијативата може да тргне од ЗЕЛС, за да може да се реши проблемот со законските недоречености.


Во Дубаи се оставаат и забораваат само скапи автомобили

Повеќето големи градови се справуваат со проблеми како невработеност, криминал и домување, но Дубаи има друг невообичаен проблем со напуштени луксузни автомобили. Според весникот „Галф њуз“,секоја година има 2.000-3.000 напуштени автомобили, едноставно отфрлени и оставени од нивните сопственици.
Одделот за управување со отпад во Дубаи ги презема возилата доколку пречат на патиштата или влијаат врз безбедноста на патот, но има автомобили што се оставени како што биле, на места што не се забележуваат и понекогаш поминуваат години додека да бидат откриени. Автомобилите што се оставаат се навистина скапи, некои достигнуваат цени до милион фунти. Eдна од главните причини зошто толку многу скапи луксузни автомобили завршуваат напуштени се должи на справувањето на Дубаи со ефектите од глобалната финансиска криза и опаѓањето на цените на нафтата од пред неколку години. Во текот на изминатите шест-седум години, луксузните автомобили како „ферари“ и скапите „БМВ“ се напуштени бидејќи нивните сопственици бегаат од банкрот предизвикан од финансиската криза. Сопствениците не ги напуштаат само своите автомобили туку и целиот свој живот во Дубаи. Откако го прекинуваат исплаќањето на скапите автомобили, го напуштаат градот за да избегнат затвор. Според шеријатскиот закон, кој важи во повеќето држави од Блискиот Исток, неплаќањето на долгот е кривично дело. Обединетите Арапски Емирати немаат закони за банкрот, така што нема правна заштита за оние што не успеваат навреме да ги исплатат автомобилските кредити, кредитните картички или нивните хипотеки. Х. Ј.

[email protected]