Фрлени 100 тона сол на скопските улици

197

Од градот Скопје информираат дека нивната зимска служба интервенирала на градските сообраќајници и фрлила 100 тона сол, за истите тие да бидат чисти и проодни поради наносите од снег.

Станува збор за интервенции на сите мостови, клучки, надвозници, подвозници и високи зони, но и на сите други таканаречени црни точки во градот и критичните зони на градските сообраќајници.

И во текот на наредните денови екипите на зимската служба будно ќе ја следи состојбата на улиците и ќе интервенира според потребите и условите на теренот, велат од градот.

Градските власти потсетуваат дека во надлежност на градот се булеварите и поголемите градски улици, а другите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.

Градските власти апелираат и им препорачуваат на граѓаните да возат внимателно и да се приспособат на условите на коловозите доколку е тоа потребно и ги замолуваат сите стопански субјекти во градот и сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да ги расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни, односно станбени објекти.