Фигурите на зимски одмор

81

Шаховската табла е поставена, но ги нема фигурите. Ги нема ниту кралот ниту кралицата, пионите, топовите, коњитe и ловците да се наредат на осумте црно-бели полиња. Ако ги нема фигурите, ги нема ни шахистите, иако во петокот беше убав сончев ден и на покривот на Градскиот трговски центар можеа да одиграат понекоја партија шах. Заинтересираните ќе одлучеа кој да игра со белите, а кој со црните фигури, па откако ќе ги наредеа, ќе ги измереа шаховските мајстории. Ќе видеа кој е подобар во шаховските потези, кој подобро „скока со коњи, а кој пак подобро користи ловци“. За некого ќе беше шах, а за друг мат. Сега, кога ги нема црно-белите фигури, останаа „матирани“ сите заинтересирани што се најдоа пред празната шаховска табла. Шаховски табли на отворено има во сите поголеми градови во Европа и во светот. Така, на пример, градот Елиста во Русија е познат како шаховски град, бидејќи шаховски табли на отворено има на секој чекор, па се смета дека архитектите и дизајнерите биле вљубеници на шаховската умствена игра.