Сопствениците да ги урнат терасите за да не ги урива општината

374
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Општина Центар почна со отстранување нелегални тераси на повеќе од 20 угостителски објекти, а како што информираат од таму, во процедура се и други извршни решенија по кои Општината ќе постапува во наредниот период.

– Предмет на отстранување се објектите кај кои е утврдено дека и покрај немање одобрение за поставување урбана опрема од Град Скопје, тие ја поставиле опремата и направиле тераси со кои бесправно узурпирале јавен простор – појаснуваат општинските власти.

Наведените објекти доставиле барање до Град Скопје за вршење дејност надвор од својот деловен простор и поставување урбана опрема, но добиле официјално решение од Градот со кое нивното барање се одбива. Но, и покрај тоа, тие постапиле спротивно од решението.

Инспекциските служби од Центар, по извршениот увид, им дале на сопствениците решенија за отстранување, со можност сами да постапат и да ја отстранат недозволената опрема. Доколку не го сторат тоа во законскиот рок, Општината со полициска асистенција ќе го отстрани нелегалниот дел.

Минатата недела цел на Општина Ценатар беа и дивите тераси на кафулиња на улицата „Ленинова“ во Дебар Маало.

Во рамките на акцијата што Општина Чаир, пак, ја поведе за отстранување на терасите поставени без дозвола во Старата скопска чаршија, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, јавно им се заблагодари на сите бизнисмени што го почитуваа законот и сами ги отстранија терасите за кои не поседуваа дозвола. Од Општина Чаир соопштија дека за нив нема да бидат изречени предвидените законски казни.

– Иницираната акција од страна на Општина Чаир ќе продолжи да се реализира и градоначалникот Ганиу им гарантира на граѓаните дека никој нема да биде поштеден и над законот. Рокот за реакција од страна на самите сопственици е пет работни дена. По овој рок, инспекторите и полициските службеници ќе ги отстранат незаконски поставените тераси и на сопствениците ќе им бидат изречени соодветни казни – велат од Општината.