Урбаната бучава им го загрозува здравјето на скопјани

218

Прегласната музика, бучавата од ноќните трки со автомобили и мотори, градежните активности, силното брмчење на машините за дупчење поради летните реконструкции на домовите им го нарушуваат мирот на скопјани. Медицинските експерти велат дека секојдневното доживување бучава може да го наруши психофизичкото здравје

Жителите на централното градско подрачје на Скопје, каде што има поголема фреквенција на автомобили и гласни дискотеки и кафулиња, се најизложени на градската бучава. Но, генерално, во сите делови на градот граѓаните имаат проблем со урбаната бучава. А дел од неа најчесто се прегласната музика во вечерните часови, силната бучава на моторите од ноќните трки со автомобили и мотори. Градежните активности во текот на денот или силното брмчење на машините за дупчење поради летните реконструкции на домовите исто така ги нарушуваат мирот и тишината, како и нормалниот живот на граѓаните. Според медицинските експерти, секојдневното доживување на урбаната бучава претставува сериозен проблем, кој може да го наруши и психофизичкото здравје на човекот.

– Еве, моите соседи уредно нѐ известија, ставајќи напишано на влезната врата од зградата дека ќе извршуваат градежни активности од девет до 18 часот. Но се чини дека не си го почитуваат тоа што го имаат напишано. Во пет наутро, два дена слушам бормашина како работи, а јас почнувам да викам на глас да престанат и тие прекинуваат. Од зградите, пак, спроти нас имаме соседи што гласно навиваа секој втор ден, околу 12 или еден часот по полноќ. Згора на сѐ имаме отворени врати летово и нѐ вознемируваат дури и кучиња што лаат по цела ноќ – вели жител од Козле.
Од градот Скопје кажуваат дека во рамките на нивните надлежности преземаат голем број мерки и активности кога станува збор за справување со урбаната бучава. Но, напоменуваат дека само одредени делови и улици се под нивна надлежност.

– Станува збор за комплексна материја што има поделени надлежности. Од аспект на контрола и инспекциски надзор и тука има поделба на надлежностите. За едно е надлежен градот Скопје, за друго соодветната општина, така што се доаѓа во ситуација да не се знае кој за што е надлежен и кој е надлежен да презема соодветни мерки. Државните инспекциски служби се надлежни за контрола на големите индустриски капацитети што работат со интегрирани А-дозволи, за бучавата на автопатиштата, како и авионскиот и железничкиот сообраќај. Општините се надлежни за контрола на бучавата од малите индустриски погони, угостителските објекти и слично – објаснија од градот Скопје.

Оттаму тврдат дека најголемата бучава е онаа што ја создаваат угостителските објекти и, всушност, за тоа добиваат и најголем број претставки. Исто така, наведуваат дека, сепак, за нив се одговорни соодветните општини во кои се наоѓаат тие објекти. Со оглед на тоа дека најмногу угостителски објекти има во општината Центар, надлежните оттаму велат дека најмногу пријави имаат токму поради бучава во нив.

– Во моментов, од технички причини не можеме да издвоиме точна бројка на пристигнати поплаки и пријави, но најчесто во поплаките станува збор за бучава од гласна музика во угостителски објекти и градежна бучава, на градилишта. Граѓаните најчесто се жалат на бучава на локации во централното градско подрачје. Не можеме точно да ви одговориме во кој дел од денот најчесто имаат проблем од причина што таква евиденција општината не води. Најчесто пријавите се однесуваат на гласна музика во угостителски објекти и на градежна бучава, на отворени градилишта – велат од општината Центар.

Законот за бучава за оние што не го почитуваат предвидува парични казни. Кога станува збор за дискотека или кафуле, доколку се утврди дека предизвикуваат врева што ја надминува границата на дозволеното, следува казна од 500 до 20 илјади евра за правни лица и 150 до 450 евра за физички лица. Законските дозволени гранични вредности на бучава изнесуваат 55 децибели во текот на денот и 45 децибели во текот на ноќта.


Женева ќе воведе казни за автомобили што прават бучава

Швајцарскиот град Женева се подготвува да воведе казни за оние возачи чии автомобили прават голема бучава. Градските власти имаат намера да воведат задолжително допуштено ниво на звукот на автомобилите, камионите и мотоциклите. Активистите ги повикуваат градските власти, да ја ограничат бучавата на 80 децибели, односно тоа е звучноста што ја произведува машината за перење алишта. Досега неколку европски града се борат против преголемата бучава во сообраќајот. Повеќето од нив го прават тоа со ограничување на брзината и нанесување асфалт на улиците направени од камени плочки.


Урбаната бучава може сериозно да влијае врз човековото здравје

Бучавата претставува проблем затоа што влијае врз организмот на човекот и може да му го наруши психофизичкото здравје. Во современиот живот голем број луѓе страдаат од несоница. Од тие причини бучавата претставува значаен фактор што влијае кај човекот да се развие несоница, особено во градските средини.
– Бучавата може да има влијание врз работата на срцето и мозокот. Долготрајно изложување на загадување од бучавата може да предизвика висок крвен притисок, хипертензија, високи нивоа на стрес, тешкотии во спиењето и разни нарушувања во сонот. Таа може да предизвика низа други здравствени проблеми, како што се анксиозност, стрес и надразливост и пречки во говорната комуникација – вели докторката Светлана Палевска.


Граѓаните со акција да се спасат од бучавата од Градскиот парк

Дебармаалци, кои се изложени на бучава изминатава недела, се обидоа заеднички организирано да направат нешто против оваа појава и побараа дислокација на „Самерленд“. Тие иницираа онлајн-кампањата под мотото „За потивко Дебар Маало и Градски парк – За дислоцирање на ’Самерленд‘“.
Во неа потсетија дека старите дебармаалци знаат како изгледало Дебар Маало до пред 30 години, тоа било мирно маало со три-четири кафеани и две кафулиња. Преовладувале мирот и тишината. Летно време немало многу луѓе по улиците, освен маалските баби, кои си муабетеле и дедовците, кои играле шах. Летно време се слушале звуци од штурци и во квечерините од Градскиот парк доаѓале светулки. Потсетија дека тогаш немале проблем со гласна музика. Но сето тоа пополека се сменило со никнувањето на повеќето кафулиња. Во иницијативата сега рекоа дека со „Самерленд“ тие се осудени да бидат жртви на звучно загадување секој ден од 17 до 00.30 часот.