Улицата „Ацо Шопов“ ќе биде готова до ноември

142

Градските власти наредните денови почнуваат со реконструкција на булеварот „Партизански одреди“, од мостот „Обединети нации“ до Ѓорче Петров.

– Почнуваме со доизградба на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ и изградба на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“. Продолжуваме со реконструкција на улиците „Брадфордска“ и „Лондонска“ во Карпош, „Ацо Шопов“ и „Антон Попов“ во Кисела Вода – изјави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов на улицата „Ацо Шопов“, каде се реконструира коловозот.

Шилегов информира дека се гребе стариот асфалт, се поставува порамнувачки асфалт и завршен слој ќе се постави на потегот од крстосницата со улицата „Марк Твен“ до кружниот тек со „Партизанска“, во вкупна должина од 1.100 метри и површина од 8.213 метри квадартни.

– Реконструкцијата на оваа улица предвидено е да заврши до ноември годинава, а за неа Град Скопје ќе потроши 5,9 милиони денари со вклучен ДДВ. Оваа улица речиси секојдневно ја користат жителите од Влае и околните населби, жителите од општина Ѓорче Петров и останатите граѓани на Скопје – рече Шилегов.

Поради градежните активности на оваа улица ќе има привремен сообраќаен режим од крстосницата со „Партизански одреди“ до крстсницата со „Марк Твен“.

Шилегов ги замоли граѓаните за разбирање и апелираше до учесниците во сообраќајот да се придржуваат на привремениот режим, да ја почитуваат поставената сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.