Увид на урнатиот потпорен ѕид во Пржино

217

Потпорен ѕид се урна на улицата Пандо Кљашев во општината Кисела Вода. Причината за уривањето е тешката механизација што работи во оваа околина. Од општината известуваат дека веднаш по уривањето на ѕидот, екипа на градежниот инспекторат на општината излезе на терен за да направи увид и процена за настанатата штета, како и да ги откријат причините за истата таа. Исто така, и градоначалникот на општината Кисела Вода, Филип Темелковски, придружуван од страна на градежните инспектори направи увид на локацијата.

Од оваа локална самоуправа информираат дека од страна на градежниот инспекторат на општината Кисела Вода на изведувачот на градежните работи, веднаш му е издадена усна наредба за прекин на работните активности на објектите. Покрај ова, од Кисела Вода велат дека во моментов во подготовка е и решение за прекин на градежните работи.

Инаку, фирмата-изведувач веднаш започнала со активности за санација на настанатата штета, како и изградба на нов потпорен ѕид.
На истата фирма-изведувач, од страна на општината Кисела Вода ѝ е наложено прво да изврши целосна санација на штетата, па потоа да започне со изведба на градежни работи на објектите. Наедно, изведувачот на објектите за кои поседува дозвола за градба се обврзал по завршувањето на градежните работи да изврши и асфалтирање на горната и долната улица Пандо Кљашев.