Температурните промени ги наполнија амбулантите со болни

124

Минатонеделниот пад на утринските температури близу нулата и искачувањето на живата во термометарот во текот на денот до 25 Целзиусови степени не им оставија многу простор на луѓето за адаптација и предизвикаа појава на настинки. Температурните промени лошо им влијаат на здравјето на луѓето и за многу кратко време амбулантите и чекалниците во поликлиниките се наполнија со болни. Само во една смена за еден ден биле примени двојно повеќе пациенти од претходниот или, како што велат во една приватна поликлиника, во една смена биле прегледани над сто лица, а кај шеесетина биле дијагностицирани стомачен вирус и вирусна настинка. Лекарите на заболените им препорачуваат многу течности и витамини, здрава исхрана, како и поголема хигиена на рацете и што помалку да се престојува во простории со повеќе луѓе. Од особена важност е да се проветруваат просториите во кои престојувал болниот.

Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, и во наредниов период ќе продолжат температурните разлики на утринските и дневните температури, кои во текот на денот ќе бидат и двојно повисоки од оние наутро. Така, на пример, утринските температури ќе бидат во интервал од 3 до 12, додека дневните ќе се искачат од 17 до највисоки 26 степени викендов.

– Во утринските часови е многу студено, а во попладневните е многу топло. Целиот тој процес влијае на организмот и во процесот на приспособување се манифестира како заболување, со симптоми како болки во градите, болки во грлото и кашлање. Со вакви температури во периодов најпогодени се луѓето со хронични заболувања, нивните симптоми се влошуваат и затоа е потребно да се посебно внимателни. За еден ден примивме речиси 180 луѓе, во моја смена се пријавија 107, од кои на 60 им беа констатирани стомачен вирус и настинка – вели докторка Светлана Палевска од ПЗУ „Лек медика“.

Според лекарите, големите температурни разлики претставуваат напад на имунолошкиот систем, кој може да резултира со заболување кај човекот. Наглата температурна промена влијае на вирулентноста на вирусите, тие стануваат појаки и поштетни по човечкото здравје. Од истата причина, отпорноста на човекот се намалува заради температурните разлики и опаѓа имунолошкиот систем. Колку ќе трае настинката одредува имунитетот кај човекот, колку е отпорен или јак неговиот организам за да може да се одбрани. За ваквите видови заболувања лекарите препорачуваат симптоматска терапија, поточно рехидратација на организмот, во комбинација од лекови против висока температура. Овој вид терапија подразбира зголемено внесување течности, како чај, сок од лимон, супи и чаеви. Заболените треба да внимаваат на личната хигиена, некористењето шамиче или немиењето раце ја зголемуваат можноста за побрзо ширење на заболувањата како вирусните настинки. За да се заштитат, потребно е граѓаните да избегнуваат затворени простории во кои има собир на повеќе луѓе.

– Ширењето на вирусот полесно се овозможува на ваков начин. Затоа е потребно често проветрување на просториите, потребно е и одржување на хигиената на високо ниво во просториите, но и одржување на личната хигиена. Миењето на рацете е основна хигиенска навика, која претставува примарно средство на примена за спречување на ширењето вирусни инфекции – објасни доктор Светлана Палевска.
Здравата храна, која се состои голем број минерали и витамини, здравиот животен стил и практикувањето физичка активност се главните превентивни мерки за избегнување на вирусните настинки. На сите заболени им се препорачува лесна храна, супи, чаеви, кашести сокови и живот без многу стресови. Лекарите исто така напоменуваат дека стресот игра голема улога кога станува збор за отпорноста на организмот. Затоа е потребно да се регулира преку практикување физичка активност, како што се трчањето, пливањето или пешачењето. Доколку се практикуваат овие работи, се создава поголема отпорност и регулација на организмот. Потценувањето на стресот и стресните ситуации негативно влијае на имунолошкиот систем. Долгата изложеност на стрес и стресни ситуации може да го нарушуваат имунитетот кај човекот, истакнуваат лекарите.