Новите врнежи од снег и температурите длабоко под нулата, се причината што секој ита кон својот топол дом. Но дел од ваквата приказна одамна не е шеесетгодишниот интелектуалец и поранешен бизнисмен, кој сега спие на улица. Деновиве тој е сместен во прифатилиштето на Црвениот крст на Скопје. Некогаш бил успешен човек, имал кариера, семејство, а потоа нешто тргнало наопаку во работата. Неуспехот бил причина да потклекне и да посегне по алкохолот и да изгуби, вели тој, допир со реалноста. Со помош на своето семејство се согласил да се лекува од алкохолизам, но потоа поради сето тоа и да го напушти семејството и да почне да живее на улица.

Себеказнувајќи се смета дека ќе се оправда за сето зло што му го нанел на семејството што веќе го загубил. Неговите две ќерки заминале за Америка, а тој сега топол кревет и оброк нашол во прифатилиштето во Момин Поток. Таму се и мајка и син, кои живеат исто така на улица, а бадникова вечер поминале во топлината на прифатилиштето, кршејќи лепче со паричка. Поранешен корисник, а сега вработен како бербер во Момин Поток е и Даут, исто така поранешен бизнисмен, кој завршил на улица поради коцкарски долгови и финансиски проневери во бизнисот. За овие луѓе животот на улица на минусни температури и снег е навистина повеќе од суров, бидејќи во моментов сместените во објектот се со просечна старост од 55 години.

Прифатилиштето во пунктот на Црвениот крст на градот Скопје во Момин Поток вчера имаше згрижено 40 лица, колку што е и неговиот капацитет. Периодов на овие екстремно ниски температури овие луѓе добиваат 24-часовна поддршка од професионалци и волонтери. Лицата од улица ноќеваат во топол и уреден затворен простор, добиваат топли напитоци, топол оброк, капење, чиста облека и доколку им е потребно и лекарски преглед. Пунктот во Момин Поток инаку работи во текот на целата година и е отворен за овие лица само во вторник и петок, но во студените зимски денови објектот ги згрижува подолг период. На колкав период ќе бидат опслужувани луѓето, кои од различни причини се нашле на улица, процена прават стручни тимови. Минатата зима објектот во Момин Поток беше достапен за бездомниците цели 60 дена. За нивно згрижување во овие студени денови можат да помогнат и граѓаните, и доколку знаат за некој бездомник или, пак, забележат тоа можат да го пријават. Од Црвениот крст велат дека нивните мобилните тимови се присутни на терен и по дојава од граѓани на телефонските броеви 071/733-171 071/411-908 070/261-778 и 070/358-048, веднаш дејствуваат. Градот финансиски го помага функционирањето на пунктот со 700 илјади денари годишно. Овие средства не се доволни за тој да може да функционира 365 дена во годината, но за тоа велат дека може да се користи објектот во Чичино Село. Овие бездомни лица најчесто се фантоми, немаат никаква документација, па затоа и не можат да се лекуваат.

Црвениот крст од донации на компании обезбедува лекови, како и прехранбени производи и хигиенски средства. Од Црвениот крст велат дека многу често се случува да помагаат и граѓани, кои ја донираат храната што им останала од некоја домашна прослава или, пак, ја донираат затоа што се откажале од раздавање на гробишта.

– Кога температурите во градот Скопје се спуштија под нулата, пунктот за бездомници на Црвениот крст на градот Скопје ги отвори вратите и на прифатилиштето, кое стана преноќиште и утеха за бездомни лица што таму добија привремено згрижување. Во периодот од 16 декември минатата година до 4 јануари годинава, беа реализирани 120 преспивања или помеѓу 15 и 20 лица престојуваа во текот на едно деноноќие.

Топлината во прифатилиштето, чистата постела, можноста да добијат чиста облека, оброци како и помош од лекар, за многу од овие лица значи спасен живот. Во меѓувреме, пунктот тековно функционира секој вторник и петок каде што бездомните лица на територијата на градот Скопје добиваат помош и поддршка во поглед на медицинска грижа, хигиенски потреби и потреби во делот на облека и храна.

Почнувајќи од 16 декември 2018 година, бездомните лица што се сместени во прифатилиштето, добија адекватна грижа и помош од страна на вкупно 22 волонтери и професионалци, кои се ангажирани за 24-часовна поддршка во прифатилиштето, за тоа непречено да функционира – велат од Црвениот крст на градот Скопје.
Оттаму додаваат дека прифатилиштето ќе биде отворено онолку колку што им е потребно на бездомниците. На оние што остануваат надвор честопати им се дистрибуираат и вреќи за спиење, ќебиња, облека… доколку не сакаат да бидат сместени во Момин Поток.

– Во согласност со правилникот за работа на пунктот во Момин Поток, кога се минусни температурите и е екстремно студено, објектот е отворен 24 часа, за да се одговори на потребите на овие лица. Во случај на потреба ги координираме активностите со Градскиот центар за социјални работи, на болните лица им овозможуваме соби за престој и во зависност од потребите им ги изнајмуваме во време од еден до два месеца. Исто така им овозможуваме топли напитоци, социјален работник, лекар. Од неодамна имам патролни тимови што ги згрижуваат бездомните лица и надвор од Скопје, а потоа тие се сместуваат во новоотворените три контејнери во Струмица, Битола и во Струга. На тој начин овие лица ги згрижуваме и регионално. Пунктот во Момин Поток не е доволно да биде отворен само кога има екстремни температури. Но перманентно работиме и во текот на годината кога на бездомните лица им се нудат капење, чиста облека, лекар, топол оброк… Оваа година ќе добиеме зголемен буџет од градот за доградба на трпезарија и просторија за психосоцијална поддршка. За изградбата на новите простории ќе тој издвои милион и шестотини илјади денари – вели Сузана Тунева Пауновска, секретарка на Црвениот крст на градот Скопје.

За бездомните лица велат дека се луѓе што ја изгубиле довербата во институциите и од Црвениот крст имаат намера со услугите што им ги нудат да им ја вратат назад. За некои од досега згрижените во изминативе години тоа и помогнало, па тие се вработиле и така повторно се интегрирале во општеството.