Станбените сервиси менуваат само светилки, а ги избегнуваат лифтовите

182

Станбените сервиси се задолжени за комплетно одржување на заедничките простории на станарите во една станбена зграда, за нивните заеднички инсталации и за лифтовите. Но кога станува збор за овие превозни средства, во повеќекатниците како намерно да ги одбегнуваат. Не е доволно само да менуваат светилки и да ја одржуваат хигиената, бидејќи секојдневно станарите имаат потреба од лифтовите и од нивната безбедност. Токму затоа е потребно нивно редовно сервисирање, одржување и контролирање од страна на овластени сервисери, а не од приучени мајстори. Станбените сервиси најчесто се јавуваат и како одржувачи на лифтовите, но кога ќе настане проблем, тие не се нафаќаат да го санираат. Според правилникот за безбедна употреба на лифтовите, кој е објавен во „Службен весник“ во 2008 година, сите што се задолжени за одржување на заедничкиот станбен простор и на заедничките инсталации се обврзани да ги одржуваат и лифтовите. За жал, најчесто лифтовите по станбените згради ги одржува човек-фирма, па се случува да нема да замени делови или, пак, само ги подмачкува старите и го пушта лифтот во функција. Во такви ситуации станарите секојдневно се небезбедни или, пак, одат пеш до високите катови и по неколкупати во денот, бидејќи лифтот не работи. Законските недоречености сѐ уште ги оставаат нерешени проблемите во оваа област. Освен функционалноста, од особено значење е и безбедноста на лифтовите, зошто ако се случи пропуст во техничката исправност, некого може да чини и живот. Поради неисправни лифтови се случувале немили настани и затоа не смее да се дозволи тоа.

– Потребно е да се направат измени во законот од 2008 година. Оттогаш досега не е направена никаква промена, а одговорноста за одржување на заедничките простории, инсталации и лифтовите треба да се зголеми со воведување лиценци за лифтовите, поточно издавање лиценци на фирмите што ќе ги одржуваат и продаваат лифтовите. Лиценците би се издавале со точно утврдени критериуми, каде што би биле назначени одреден број инженери и точен број на квалификуван кадар – вели Димче Поповски од Групацијата на лифтаџии.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неодамна Групацијата на лифтаџии ги повика претставниците од Владата и Групацијата за домување и управување со станбен и деловен простор за решавање на овој горлив проблем. За жал, тој обид заврши неуспешно.
Законските недоречености овозможуваат во бизнисот со лифтови да се појавуваат таканаречени човек-фирми, кои немаат сервисни служби и кои како такви постојат на пазарот. Деловите и опремата што ги продаваат и нудат се од сомнително потекло и со слаб квалитет. Но во трката за што поголем профит голем број изведувачи се одлучуваат за овој вид таканаречени „монтажни компании“. Изведувачите ги избираат монтажерите на лифтови со најниска цена, без притоа да помислат за сериозноста на прашањето за безбедноста на лифтот и техничката логистика на лифтот, која е важна за станарите. Познавачите на состојбите велат дека некои компании нудат лифтови со сомнителен квалитет и многу често ги носат во заблуда градежните компании. Но откако ќе се случат понатамошни проблеми, уочуваат дека направиле грешка.

Од Групацијата на лифтаџии, сепак, нагласуваат дека е зголемена свеста за професионалното сервисирање на лифтовите, па многумина велат дека ги користат нивните услуги. Оние што навистина си ја знаат работата и се професионалци во ова, тврдат дека задолжително сервисирање на лифтот треба да се извршува еднаш во месецот и за одржувањето треба да се води матична книга на лифтот. Ова важи за старите, но и за новите лифтови, за да се задржи степенот на безбедност на лифтот. Кај нас постојат голем број стари лифтови и граѓаните не се одлучуваат на нови заради финансиската немоќ. Затоа се користат повеќе од претпоставениот рок на траење.
Познавачите на состојбите со лифтовите тврдат дека во Скопје постојат голем број стари лифтови, но исто така има и голем број нови лифтови, со послаб квалитет. Додаваат дека ако вака стојат работите, тогаш стариот лифт е подобра опција. На сите лифтови што се сервисирани им се става ознака дека се проверени. Но често сме сведоци како луѓе се заглавуваат во нови лифтови, како и на нови лифтови што често не работат, а тоа се лифтови што ги имаат поминато сите рутински проверки, па сепак настануваат проблеми. Најверојатно одговорноста може да им се припише на неквалитетните делови и на непрофесионалното работење на одредени лифтаџиски компании.