Средношколци најавуваат организирано отсуство од наставата?

1001
Периодов измерени екстремно високи нивоа на загадување Фото: Игор Бансколиев

Поради загадениот воздух, средношколци и родители на социјални мрежи најавуваат бојкот на наставата за утре (петок), бидејќи сметаат дека надлежните немаат идеја како да се реши овој проблем. Најавуваат и приклучување на маршот на „Зелен фронт“. Граѓанските реакции се зголемија откако во Ново Лисиче беа измерени 1.066 микрограми од штетните ПМ10 честички. На листата на најзагадени градови, освен Скопје, беа и Битола, Струмица, Тетово и Кочани.

Зовреа социјалните мрежи откако средношколци и родители почнаа да се организираат за бојкот на наставата утре (петок), поради загадувањето на воздухот. Некои од родителите во своите постови објавија дека нема да ги носат децата во градинка, затоа што некои добиле пневмонија. Средношколците пишуваат дека се крајно изреволтирани од непреземањето ништо, од лежерноста на власта и немањето идеја како да се реши овој проблем што ги засега сите жители. Најавуваат дека и тие ќе се приклучат на креираниот настан на социјалната мрежа Фејсбук, на кој на протестен марш утре ќе излезат над 35 граѓански движења обединети во „Зелен фронт“.

Наспроти реакциите на граѓаните неодамна, скопскиот градоначалник Петре Шилегов во јавноста неколкупати кажа дека загадувањето е видливо намалено. Граѓаните не се согласуваат со кажаното, бидејќи тоа не го покажуваат мерењата на концентрациите на загадувачките материи во воздухот во Скопје, кои се неколкукратно повисоки од дозволеното. Ова го потврдија и со објавата на социјалните мрежи за тоа колкаво е загадувањето во населбата Ново Лисиче кај поранешната автобуска станица, на последна петка. Таму беше регистрирано присуство од 1.066 микрограми ПМ10 честички на кубен метар. Изминативе денови во државава речиси насекаде воздухот е енормно загаден. Освен во Скопје, мерните станици покажуваат големо загадување во Струмица, Битола, Тетово и во Кочани. Граѓаните прашуваат што ќе се преземе за да се намали загадувањето?

Во претходни пишувања, „Нова Македонија“ ја утврдуваше состојбата во однос на спроведените мерки поврзани со загадувањето. Според анализата на „Екосвест“ за справување со загадувањето, спроведени се само 30 проценти од мерките предвидени за годинава. Според укажувањата на невладините организации и според реалните состојби во градот, евидентно е дека не е доволно она што е направено досега од страна на надлежните. Дали станува збор за градење енергетско ефикасни фасади, субвенции за оџачари, за набавка на инвертори или велосипеди, сепак не е доволно и потребно е многу повеќе за да се намали загадувањето.

Според регулативите и упатствата на Светската здравствена организација, дозволеното безбедно ниво на ПM10 честичките изнесува од 20 до 40 микрограми на кубен метар. Тоа значи дека, според европските норми, загадувањето од ПМ10 честичките измерено кај мерната станица во Ново Лисиче е 26 пати над дозволените граници. Според Министерството за животна средина и просторно планирање, дозволената средна дневна гранична вредност во нашата земја за ПМ10 честичките изнесува 50 микрограми на кубен метар.


Загадeниот воздух носи здравствени проблеми

Медицинските експерти велат дека поради изложеност на загадeниот воздух може да има краткорочни и долгорочни здравствени ефекти. Краткорочните ефекти, кои се привремени, вклучуваат болести како што се пневмонија или бронхитис. Тие вклучуваат и непријатност, како што се иритација на носот, грлото, очите или кожата. Загадувањето на воздухот, исто така, може да предизвика главоболки, вртоглавица и гадење.
Долгорочните ефекти на загадувањето на воздухот може да траат со години или цел живот. Тие дури може да доведат до смрт. Долгорочните здравствени ефекти од загадување на воздухот вклучуваат срцеви заболувања и се препорачува да се избегнуваат подолги периоди на престој на отворено. На малите деца, старите лица и бремените жени им се препорачува да не излегуваат без посебна потреба.


Инсталирани нови мерни инструменти за ПМ10 честички

Кај автоматските мониторинг-станици за квалитет на амбиенталниот воздух во Лисиче, Гостивар, Кичево, Велес 2 и во Кавадарци беа инсталирани нови мерни инструменти за мерење на ПМ10 честички. Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека новите инструменти веќе се ставени во работен процес.
Министерството претходно набави пет автоматски анализатори за мерење суспендирани честички ПМ10 и пет системи за прибирање и обработка на податоци. Од денеска податоците од извршените мерења се достапни за јавноста на веб-порталот за квалитет на амбиенталниот воздух: air.moepp.gov.mk.