Со мерките се лекуваат последиците, не и причините за загадувањето

197
И покрај бесплатниот јавен превоз, вчера имаше по еден човек во автомобил Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сите упатства и мерки се само ублажување или лекување на последиците, но не придонесуваат за отстранување на вистинските причини за загадениот воздух. Цела зима вистински спас носат само ветрот и дождот, а не преземените мерки

Деновиве Скопје повторно е меѓу најзагадените градови во светот, се наоѓа на врвот на листата на градови со најлош квалитет на воздухот. Дури вчера попладне во општината Центар беа измерени 93 микрограми на кубен метар од штетните ПМ 10 честички, по оние 200 микрограми од пред два дена. Во Карпош беа регистрирани 92, во Лисиче 89 и во Гази Баба 70 микрограми на кубен метар, што е за 20 повеќе од дозволената граница. Пред два дена последователно беше надминат и прагот на алармирање за ПМ 10 честичките, а тоа беше и причината за итните владини препораки и мерки. Но сите нивни упатства и мерки се само ублажување или лекување на последиците, но не придонесуваат за отстранување на вистинските причини. Цела зима вистински спас од загадувањето носат само ветрот и дождот, а не преземаните мерки. Овој пат не ни беа наклонети временските услови, немаше ветер и стигна енормното загадување. Поради тоа, некои од мерките беа да се ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и астматичарите, лицата со прележан миокарден инфаркт или мозочен удар без разлика на возраста, но со препорака од матичен лекар. Потоа лицата што работат на отворено да бидат работно ангажирани само од 11 до 17 часот, а сите спортски натпревари и културни манифестации на отворено да не се организираат. Владата побара да се намали употребата на службените возила за 50 отсто, а побара и поддршка за бездомните лица. Беа побарани зачестени контроли на терен од страна на Државниот инспекторат за животна средина. Но по сѐ изгледа дека сите овие препораки и мерки не придонесуваат да се намали загадувањето.

Причините, најверојатно, се на друга страна, но некој не сака да ги види и јавно да ги објави. Ако домаќинствата што се греат на дрва се причина за загадувањето, тогаш е потребно градот да ги спаси од ваквото нееколошкото греење, донесувајќи до нивните домови достапно и еколошко затоплување за нив, а оваа зима не се случи тоа. И годинава претпријатието „Градски енергетски системи“ не почна да работи, а гасот сѐ уште е далеку од домаќинствата. За почист воздух, како што велат еколозите, не треба да се користат возилата, особено не кога во нив се вози само еден човек. Но иако вчера градскиот превоз беше бесплатен, како една од мерките за намалување на загадувањето, повторно имаше неброени автомобили во кои се возеше еден човек.
Според некои информации, вчера имало намалување на бројот на возилата во државна сопственост. За истакнување е примерот на Велимир Смилевски, градоначалникот на општината Бутел, кој го оставил својот автомобил, и вчера на работното место дошол со градски автобус.

– Ја почитуваме препораката на градот Скопје и користиме јавен превоз – кратко напиша на социјалната мрежа Фејсбук Смилевски. Но неговиот пример, за жал, не го следеа други градоначалници или политичари.

Многу фактори влијаат на загадувањето, тука е и прашината од градежните зафати, а улиците не се мијат секојдневно бидејќи цистерните се стари, а допрва треба да се набават нови преку кредитно задолжување на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, како што јавно кажа и првиот човек на претпријатието, Абдусамед Шабани.
Казнувањето на загадувачите сѐ уште е во некоја блага форма, а и оваа зима дишеме загаден воздух. Две години беа потребни да се исчисти дивата населба под Калето и да се тргнат оние што палат кабли и пластика, кои го загадуваа воздухот, иако и локалните жители реагираа, а пишувавме и ние во неколку наврати. Не беа потребни дронови за тие да се најдат. Допрва сѐ уште се чистат депонии и се упатуваат апели до граѓаните да не создаваат нови на веќе исчистениот простор. Се создаваат депонии и покрај празни или преполни контејнери, дури и во централното градско подрачје, а сево ова зборува дека треба да се менуваат и навиките на некои луѓе. За оние што не се придржуваат до правилата и го загадуваат воздухот мора да се применуваат ригорозни казни.

– Градот Скопје, преку ЈП „Комунална хигиена“, работи на миење на улиците со девет специјални возила. Но машинското миење со автоцистерни се извршува сезонски, од 1 април до 30 октомври, не во зимските месеци, бидејќи, според нив, постои опасност од подмрзнување на улиците. „Комунална хигиена“ има надлежност машинското миење со автоцистерни да го извршува само на главните сообраќајници и булевари. За другите улици надлежни се општините – велат од градот.

И покрај препораките и мерките во деновите на екстремна загаденост на воздухот, факт е дека и оваа зима не се направени вистинските чекори и дишеме загаден воздух. Резултати во насока за подобрување на состојбите нема, а за да се дојде до нив секој мора да се вклучи и да се бараат други потрајни решенија.