Со мебел на покрив сеат страв по улиците

283

Што значи необезбеден товар?

На скопските улици често се забележува како граѓаните превезуваат товар со своите возила. Од мали масички до врати, каучи па и цели трпезарии, се импровизира некако за да се пренесат до станот, викендичката или куќата. Некои од мака некои од потреба, товарот што го пренесуваат не го обезбедуваат секогаш соодветно. Таквиот несоодветно обезбеден и транспортиран товар ги загрозува сите учесници во сообраќајот и ги изложува на ризик, велат надлежните. Граѓаните во вакви случаи се небрежни и неодговорни, затоа што не ги почитуваат законските одредби, кои точно кажуваат како треба да се обезбеди ваков товар, кога треба да се транспортира низ градските улици. Необезбедениот или неправилно транспортираниот товар може да биде причина за несреќи, кои некогаш завршуваат трагично, со загуба на човечки живот.
– Пред еден месец при возење низ градов се најдов на иста коловозна лента зад човек, кој изгледа си ја пренесуваше својата кујна со приколка. До него имаше, најверојатно, пријател со друго возило, кој му ја превезуваше трпезариската маса на покривот од автомобилот.

Искрено, не ми изгледаше сигурно прицврстен товарот што го превезуваше. Од него излегуваа долги кујнски лајсни, на кои не завршуваше црвено парче текстил за предупредување. Токму затоа велам дека ни оддалеку не изгледаше дека товарот е правилно обезбеден за транспорт. Затоа возев побавно и гледав да бидам колку што можам подалеку од него. Мислев дека секој момент нешто ќе се излизга пред мене. Затоа треба повеќе да се внимава во вакви случаи затоа што може да се направи голема штета па и некој да загине – вели Мартин Угриновски.

Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата пропишува дека возилото не смее да се оптовари над својата носивост. Товарот на возилото задолжително треба да биде распореден и прицврстен така што нема да ја загрозува безбедноста на учесниците во сообраќајот и да не нанесува штета на патот и на објектите на патот. Истовремено товарот не треба да ја намалува во поголема мера стабилноста на возилото и да не го отежнува управувањето со возилото. Важно е и да не му ја намалува на возачот прегледноста на патот, како и да не ги засолнува светлосните и светлосно-сигналните уреди на возилото, регистарските таблички и другите пропишани ознаки на возилото. Товарот што се превезува во моторно или приклучно возило, кој под дејство на надворешни влијанија (ветар, дожд и слично) или под дејство на вибрации или други влијанија може да се растресува по коловозот, задолжително треба да се покрие со церада и добро да се прицврсти за страничниот дел на возилото. Во спротивно, се предвидува парична казна од 35 до 300 евра.

Доколку се пренесува товарот со приклучно возило, товарот може да ја премине најоддалечената точка на задната страна на возилото, најмногу за една шесттина од својата должина, која континуирано е потпрена врз товарниот простор. Товарот на возилото не смее да ја помине најоддалечената точка на предната страна на возилото повеќе од еден метар. Ако со возилото се превезува товар во комбинација што се состои од влечно возило и едноосна приколка, под должина на возилото се подразбира вкупната должина на влечното возило и едноосната приколка. Ако товарот на возилото ја поминува за повеќе од еден метар најоддалечената точка на задната страна на возилото, најиздадената точка на товарот задолжително треба да биде означена со црвена ткаенина. Најиздадената точка на товарот што се превезува со товарно моторно возило или приклучно возило треба да е означена со табла, која има квадратна форма со димензии 50×50 см, обоена наизменично со коси ленти со рефлектирачка портокалова и бела боја, и е поставена нормално на надолжната оска на возилото. Доколку не се почитуваат овие одредби од законот, се предвидува казна од 250 евра.

Но паричната казна, во споредба со можните фатални последици што можат да произлезат од несовесното дејствување во сообраќајот, станува занемарувачка. Затоа е потребно граѓаните повеќе да внимаваат и да ги почитуваат законите со кои се пропишува добро обезбедување на товарот што се пренесува, велат од РСБСП. При необезбеден товар може да настане материјална штета, но и загуба на човечки живот.
– Почитувањето на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во сите негови сегменти е основа за безбедно и сигурно одвивање на сообраќајот. Паричните казни претставуваат мала работа кога некој несовесното дејствува во сообраќајот, потребно е зголемување на сообраќајна култура и свест за да не настанат човечки загуби. Во согласност со тоа, неопходно е да се почитуваат и законските одредби што ги регулираат правилата и можностите за пренесување на товар со моторно возило – велат од РСБСП.