Скопје со 52, Хелсинки со 1.200 километри велопатеки

456
Фото: Дарко Андоновски

Сите експерти за здравје наведуваат дека има многу предности од користењето на велосипедот како превозно средство. Но возењето велосипед во градот понекогаш претставува тешкотија, во многу случаи дури и опасност по животот. Пешаци кои се движат по велосипедски патеки, автомобили кои знаат да пресечат пат, дупки и недоволно велосипедски патеки се дел од секојдневните проблемите со кои се соочуваат велосипедистите во градот.

На велосипедските патеки често има поставено разни препреки како контејнери, реклами, понекогаш семафори или бандери. Исто така има паркирани автомобили по велосипедските патеки и автомобили кои се движат по нив за да ги избегнат гужвите на коловозот. Луѓето кои возат мопеди го практикуваат истото. Сите овие работи укажуваат дека сообраќајната култура е на многу ниско ниво, велат велосипедистите.
– Често кога се возам со велосипедот, пешаците се движат по велосипедските патеки, а исто така има и автомобили кои се паркирани на нив. При сообраќај, возилата се приоритетни на улиците и не ги пропуштаат велосипедите. Од тие причини, многу често знаат и да им го пресечат патот на велосипедистите. На патеките не треба да се паркираат возила, а и народот треба да има повеќе култура. Ние немаме висока сообраќајна култура, па затоа на ова поле треба многу да се работи – вели Никола Пендовски од општината Карпош.

Пред неколку години, градот Скопје немаше убаво развиени и обележани велосипедски патеки, сега има и нивниот број се зголемува. Велосипедистите реагираат дека велосипедски патеки можеби има, но патеки како да се стигне до нив нема. Тие укажуваат на потребата од доразвивање на мрежата. Даниел Спасовски вели дека нема доволно велосипедски патеки, а патеките по кои се вози имаат многу дупки.
– На нашите патишта може автомобил да искршиш, а не пак велосипед. Главен проблем се многубројните дупки по патеките и тротоарите. Единствено центарот на градот е посреден. На пример, од Пинтија до Драчево нема тротоар, а не пак велосипедска патека, од Карпош до Бардовци, Волково исто. Нема патека на прометните улици Народен фронт и Јуриј Гагарин. Засега не барам велопатеки, туку барем поголеми тротоари за да можат велосипедите да поминат. Според мене, за ова да се овозможи е потребна целосна промена на изгледот на сообраќајниот и инфраструктурен план – вели Даниел Спасовски од Драчево.

Од овие причини велосипедистите во главниот град се принудени да се движат по тротоарите или коловозите. На овој начин тие се принудени да го изложуваат својот живот на опасност. Тоа значи дека освен што е потребна поголема сообраќајна култура, потребна ни е и подобра инфраструктура за велосипедските патеки.
– Скопските улици не се безбедни за никаков сообраќај поради непочитувањето на сите сообраќајни правила. Со возење велосипед по коловоз во Скопје е исто како да играш руски рулет. Најголем проблем е немањето на велосипедски патеки додека, пак, каде што има, истите воопшто не се почитуваат, по нив има контејнери, пешаци, паркирани коли и слично. Деведесет проценти од пешаците се движат по велосипедските патеки. Сообраќајната архитектура во Скопје не дозволува некоја голема слобода за градење на велосипедски патеки насекаде, меѓутоа би можело да се дојде до некакво решение како на пример, патеката на улицата Климент Охридски. Искрено се надевам дека за 10-15 години би стигнале на ниво каде што луѓето би ги почитувале велосипедските патеки – вели Стефан Стојменовиќ од Ченто.

Колку за споредба, во Хелсинки, кој по големина е колку Скопје, има 1.200 километри велопатеки. Од Град Скопје добивме подетални информации за велосипедската инфраструктура во градот. Оттаму велат дека работат на подобрување на условите за користење на велосипед преку инвестирање во реконструкција на постојната и изградба на нова велоинфраструктура.

– Во изминатиов период, заклучно со 31.12.2018 година, изградени се и реконструирани 14,6 километри велосипедски и пешачко-велосипедски патеки во вредност од 56,5 милиони денари. За прв пат се изградени велосипедски патеки на градските улици во општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Ѓорче Петров, а се изградени и нови велопатеки во општините Карпош, Центар и Гази Баба. Активностите продолжуваат и годинава, каде што е планирана реконструкција и изградба на велосипедски патеки во должина од над 16 километри. Како еден од најголемите проблеми во однос на развивањето на велосипедската мрежа и изведба на патеките е секако проблемот со просторот, каде што нема место истите да се изведат како посебна патека. На одредени локации каде што нема простор за посебна патека или комбинирана велосипедско-пешачка патека, тогаш се бараат алтернативни решенија како што е спуштање на велосипедската патека на коловозот. Ваква патека постои на булеварот Свети Климент Охридски и на улицата Втора македонска бригада – велат од Град Скопје.


„Највелосипедски“ градови во светот

Според „Копенхаген индекс“, во 2019 година има 20 велограда во светот. Едни од најдобрите градови кои имаат голем број жители што користат велосипеди и добро развиена велосипедска инфраструктура претставуваат градовите Копенхаген, Амстердам, Утрехт, Антверпен и Стразбур. Градовите со индекс над 80 проценти претставуваат градовите Копенхаген и Амстердам.

Копенхаген го држи првото место како најпопуларен град во светот за велосипедисти. Околу 62 отсто од жителите на Копенхаген патуваат на работа или до училиште со велосипед. Повеќе од 40 евра по глава на жител одат во инвестиции за велосипедска инфраструктура. Имаат изградено четири велосипедски мостови, изградени се 167 километри нови регионални патишта со велосипедски патеки.

Амстердам од третото место во претходната година сега се наоѓа на второто место. Градот издаде амбициозен нов план за 2022 година, кој се фокусира на подобрување на паркинзите за велосипеди и на постојната велосипедска инфраструктура. Секоја година, со 11.000 нови жители, Амстердам создава нови велопатеки за да се сместат повеќе велосипеди. За да се намали сообраќајниот метеж, градот ги проширува велопатеките повеќе од два метри, гради повеќе велоулици за ниски брзини и ги редизајнира главните пресеци за да овозможи заштитен велосипедски простор.