Скопје доби свој плоштад за велосипеди

122

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, и амбасадорот на делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, го отворија првиот плоштад за велосипеди во Скопје – „Велоштад“, кој произлезе како резултат на спроведената ревизија на велосипедските политики, која Град Скопје ја спроведе со целосна поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).
– Имам големо задоволство да го отвориме првиот „Велоштад“ – плоштад за велосипеди во нашиот град, овде кај Железничката станица, локација што заедно со „Скопје лаб“ од 11 понудени ја избраа токму велосипедистите. Овде првпат отвораме место каде што велосипедите ќе бидат безбедни и ќе може да ги остават тука велосипедите и да продолжат да користат јавен транспорт или воз и да можат безбедно да се вратат со велосипед, со што овозможуваме комбинирање на урбаното движење во нашиот град – рече Шилегов.

Тој додаде дека ова е реализација на идејата да се примени принципот на мултимодалност во велосипедските политики со кои им се нуди можност безбедно да ги паркираат своите велосипеди кај Транспортниот центар, од каде што ќе можат да продолжат да користат воз, меѓуградски автобус или некој од градските и приградските автобуси на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“. „Велоштадот“, покрај држачите за безбеден паркинг на велосипеди и сервисна станица за велосипеди, опфаќа и гардероба за брзо пресоблекување, кабини за долготрајно паркирање на велосипедите, фонтана за вода за пиење и соодветна урбана опрема, која дополнително го хуманизира овој простор.

Преку своите јавни претпријатија, Град Скопје се вклучи и во дополнително уредување на овој простор за да се добие една функционална целина, која ќе биде и естетски убава и доволно привлечна за граѓаните за тие да го минуваат своето време тука.
Град Скопје и понатаму посветено ќе ја гради својата мрежа на велосипедски патеки, во континуитет се поставуваат паркиралишта за велосипеди на различни локации во градот и продолжува да вложува во одржливата урбана мобилност и на тој начин се грижи за животната средина во нашиот град.