Скопјани уште пијат вода од стари азбестно-цементни цевки

238
Во Скопје постојат уште 80 километри азбестно-цементна мрежа

Во Скопје сѐ уште има азбестно-цементни цевки низ кои тече пивка вода и стигнува до домовите на граѓаните. Од постојните, 80 километри азбестно-цементна мрежа се наоѓаат во населените места Рашче, Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Чаир, Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Драчево и Шуто Оризари. Азбестно-цементната мрежа претставува околу 6 отсто од вкупната застапеност во однос на другите материјали на водоводните цевки на системот. Јавното претпријатие ги менува дел по дел и најчесто токму во делот каде што сѐ уште има азбестно-цементни цевки се јавуваат и најголем број дефекти и загуби на вода.

На веб-страницата на „Водовод“ стои дека цевките на скопскиот водоводен систем се главно изработени од леано железо, а мал процент од други материјали, односно се поцинкувани, челични, пластични и азбестно-цементни цевки. Овие последниве стари цевки ги загрижуваат граѓаните, а во Скопје староста на азбестно-цементните цевки изнесува над 35-40 години.
На веб-страницата на претпријатието исто така пишува дека азбест-цементните цевки се менуваат поради староста и воведувањето нови технологии за производство на водоводни цевки, а не поради тоа што се штетни. Досегашните истражувања на ова поле вршени од страна на Светската здравствена организација покажале дека азбестно-цементните цевки не се штетни по здравјето на луѓето затоа што самата цевка е обвиткана со цементно млеко, кое ја нуди неопходната заштита.
И покрај овие тврдења, граѓаните не се спокојни од фактот дека сѐ уште има азбестно-цементни цевки во водоводната мрежа. Од „Водовод“ велат дека е прекинато користењето на азбестно-цементни цевки при изградбата на инфраструктурата уште од 1989 година. Основна и единствена причина за замена на азбестно-цементните цевки се заштедата и намалувањето на загубите на води, а во никој случај квалитетот на водата, децидни се од претпријатието.

– ЈП „Водовод и канализација“ секоја година, во зависност од можностите и планираниот буџет, одделува средства за реконструкција и замена на азбестно-цементните цевки во населбите. Некои од реконструкциите ги преземаат и самите општини. Замената на старите водоводни цевки во минатиов период беше вршена со поставување нови дуктилни или полиетиленски цевки. Замената на азбестно-цементните цевки се врши постапно, со давање приоритет нa делниците на кои се јавуваат почести дефекти, без разлика на тоа во која општина се наоѓаат. Во изминатиот период е направена измена на околу 25 километри азбестно цементна мрежа. Чинењето на замената на мрежата е варијабилно за различни делници, во зависност од местоположбата, дијаметарот и самите услови на теренот на кој се врши замената – велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Претпријатието, според податоците, што ги има на неговата веб-страница, заклучно со 2013 година одржувало 1.085 километри водоводна мрежа, која пет години подоцна веројатно е многу подолга, со оглед на ширењето на градот, но понов податок нема. Последниве речиси две децении „Водовод“ во континуитет врши замена на азбестно-цементните и поцинкувани цевки со нови, како што тврдат, квалитетни материјали, кои се отпорни на влијанијата на почвата и на сообраќајот, и секоја година одвојува финансиски средства. Досега се инвестирани 700 милиони денари или, почнувајќи од 2008 година, по 100-120 милиони денари се издвојуваат секоја година. Вложувањето во замената на азбестно-цементните цевки треба да продолжи, а скопјани што поскоро да се спасат од старите азбестно-цементните цевки, па колку и да не се штетни по нивното здравје.