Скопјани се изгубија во сообраќајните режими

655
Сообраќајните колони им здодеаја на возачите Фото: Игор Бансколиев

Бидејќи истовремено се реконструираат повеќе улици, возачите веќе ниту знаат каде има нов привремен сообраќаен режим ниту, пак, знаат каде која улица се поправа. Она што во светот се прави за неколку дена, во Скопје се прави со месеци

Скопските возачи не можат повеќе да се снајдат по скопските улици. Ниту знаат каде има нов привремен сообраќаен режим, ниту пак знаат каде која улица се реконструира. На жештиниве прекуглава им е од метежите и од градската неорганизираност. Се реконструира булеварот Партизански одреди и имаше привремен сообраќаен режим, поради што се создаваше огромен сообраќаен метеж во шпицовите на денот. Сега метежот се пресели кај Стара рампа, затоа што се изгреба асфалтот на булеварот Кочо Рацин и повеќето автобуси, наместо на автобуската постојка кај „Кјуби“, сега од семафорот на Јужен булевар продолжуваат право кон железничката станица.

Во Скопје истовремено се реконструираат повеќе улици, а во петокот започнаа градежните работи и за реконструкција на улицата Борис Сарафов во Ѓорче Петров. Деновиве продолжи и реконструкцијата на булеварот Босна и Херцеговина, а поради бетонскиот ѕид што беше изграден од страна на населбата Скопје Север, граѓаните по заобиколен пат стигнуваат до автобуската постојка на линиите со броевите 9 и 35.
Во завршна фаза е и реконструкција на улицата Московска во населбата Тафталиџе, на потегот од крстосницата со булеварот Партизански одреди до крстосницата со булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов и улицата Васил Чакаларов. Се работи и на Февруарски поход во населбата Ново Лисиче.

Метежот на булеварот Гоце Делчев сѐ уште не завршен, бидејќи сѐ уште трае реконструкцијата на мостот „Гоце Делчев“ и се вози само по една сообраќајна лента. Но градот вчера излезе со ново соопштение за нов привремен сообраќаен режим на мостот „Гоце Делчев“. Веќе од денеска, вторник, поради градежни активности што се одвиваат за реализација на проектот „Реконструкција на дилатации на мостот ’Гоце Делчев’ во двата правци“, ќе се воведе нов привремен сообраќаен режим.
Денеска при изведба на градежните работи, сообраќајот на потегот од „Мавровка“ кон Влада ќе се одвива во една сообраќајна лента, а сообраќајот на потегот од пошта кон Судска палата ќе се одвива во две сообраќајни ленти. Оваа привремена измена ќе важи само денеска, 13 август 2019 година, и токму затоа скопјани треба сега да запаметат дека од 14 август 2019 година, односно од среда, до 19 август 2019 година, поточно до понеделник, под привремен сообраќаен режим ќе биде само потегот од „Мавровка“ кон Влада и ќе се одвива во една сообраќајна лента, а сообраќајот на потегот од пошта кон Судска палата ќе се одвива нормално.

– Знаците за привремено водење на сообраќајот на потегот од пошта до Судска палата ќе останат на булеварот до завршувањето на работите на тротоарот, а барикадите ќе бидат поставени на работ на коловозот заради безбедност при работа на самиот тротоар. Фазите на имплементација на привремениот сообраќаен режим се со целокупно времетраење од 40 дена, односно од 9.7.2019 до 19.8.2019 година, објаснуваат од градот.
Оттаму апелираат до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да се придржуваат до привремениот режим на сообраќај. Истовремено, ги замолуваат сите учесници во сообраќајот за трпение и разбирање поради можното отежнато одвивање на сообраќајот во овој дел на градот.

Но скопјани стануваат сѐ понетрпеливи на жештината, особено затоа што долго патуваат од своите домови до работните места и обратно. Велат дека поради актуелните реконструкции некои од возачите на автобусите понекогаш се однесуваат своеволно, па ги менуваат и трасите по кои сообраќаат.

– Во петокот се изначекав деветка на автобуската постојка на „Кјуби“. По возниот ред на ЈСП, очекував за петнаесетина минути да дојде автобусот, но забележав дека од семафорите на Јужен булевар, автобусот наместо да заврти наваму, продолжи право. Тоа го стори и следната приватна деветка и некои други автобуси од Кисела Вода, по што сите патници што стоевме тука се упативме кај ГТЦ да чекаме автобус со број 57. Стигнувајќи до булеварот Кочо Рацин, забележавме дека асфалтот е изгребан, но и покрај тоа некои автобуси, кои доаѓаа од зеленото пазарче, возеа по булеварот. Ништо повеќе не ни беше јасно, освен тоа дека изгубивме премногу време и се изнапешачивме низ градов поради овие реконструкции. Да, тие треба да се прават, но треба да се работи брзо и ако треба и ноќе, за да не се наруши нормалното движење на граѓаните – вели револтирана скопјанка.