Скопјани се жалат на комуналниот неред

417
Ѓубрето и загадувањето на воздухот бараат итно решавање

Жителите на општината Гази Баба се жалат на расфрлано ѓубре, диви депонии, кучиња скитници, паркирање на јавни површини. Неодамна излегоа на протест за почист воздух и зачувување на тамошната парк-шума. Комуналците, од своја страна, за нехигиената ги обвинуваат несовесните граѓани

Граѓани на општината Гази Баба се жалат на голем број проблеми, со кои се соочуваат секојдневно, а особено комунални. Неодамна излегоа на протест за почист воздух, насловен „Гази Баба сака да дише“, а постојано се жалат и на расфрлано ѓубре, диви депонии, кучиња скитници, паркирање на јавни површини. Родителите се особено исплашени од присуството на кучиња скитници во училишниот двор на ОУ „Глигор Прличев“. За нехигиената во населбите тамошни жители ги обвинуваат несовесните граѓани, а секако и надлежните, од кои бараат решенија за низата проблеми што секојдневно го отежнуваат нивното живеење. Велат дека најмногу ги измачува нечистиот воздух, кој особено се чувствува во вечерните часови, а од надлежните во општината бараат засилени инспекциски контроли, откривање на индустриските загадувачи, како и на оние што со горење разни материјали го загадуваат воздухот.

Жители на Автокоманда во делот на кулите спроти основното училиште „Стив Наумов“ се жалат на несовесни сограѓани, кои, наместо во подземните контејнери, ѓубрето го оставаат покрај нив, а потоа животни, мачки и кучиња, го растураат пред нивните станбени згради. На ѓубре и депонии се жалат и жители од Маџари, а оние, пак, од Ченто имаат поплаки и на дивите продавачи, но и на ѓубрето што тие го оставаат зад себе по завршувањето на продажбата. Слични поплаки има и за т.н. „див кванташки пазар, кај салонот на „Волво“. Токму затоа бараат позачестени инспекциски контроли и санкции за сите оние што го нарушуваат Законот за јавна чистота и ја загадуваат животната околина. За сите свои проблеми и маки жители на општината Гази Баба се жалат и на социјалните мрежи, а на својата страница „Ѕид на општина Гази Баба“ постојано поставуваат и фотографии, кои ги потврдуваат низата комунални проблеми.

За нив тие дискутираат, пишуваат коментари, но и бараат помош од општината, да се вклучат надлежните што поскоро во нивното решавање. Со фотографии е документирано и паркирање во парк-шумата Гази Баба, близу новите згради што се градат.

– Само да известам, ЈКП „Гази Баба 2007“ денес дојде со механизација и ги собра планините ѓубре. Иако задоцнето, работава е комплетно завршена. Од име на сите железарци, ги замолувам во наредниот период да бидат наша логистика во малку покомплексна акција, овој пат за чистење на „шумата“, која е преполна со градежен шут. Не застануваме тука, ова е само почеток во борбата против ѓубрето – пишува на една своја објава Игор Тасевски, жител од населбата Железара.
Неговата сограѓанка Хајди Штерјова Симовиќ пишува дека иста ситуација има и кај амбулантата „Житиште“ во Ченто, каде што имало фрлено телевизори и слични работи, маскирани со гранки, каде што, откако се исушиле лисјата, сега се гледа ѓубриштето. Таа вели дека без неселективно казнување нема да има промени и додава дека е потребно превоспитување на луѓето, едукација на децата во училиштата, а на возрасните со казни и кампањи.

Надлежните од општината Гази Баба кажуваат дека постојано водат сметка за чистотата на својата територија, не само кога тоа е актуализирано од страна на граѓаните или медиумите.

– Имаме свое јавно комунално претпријатие „Гази Баба 2007“, кое од 20 го зголеми бројот на 80 вработени, за навремено да се одржува хигиената во сите делови на општината. Вработените се на терен со сите расположливи ресурси, но честопати се соочуваат со проблеми, поради тоа што граѓаните многу често ѓубрето не го фрлаат на соодветните места, туку несовесно го оставаат каде што ќе стигнат. Токму затоа, екипите на ЈКП не можат да постигнат да ја исчистат средината навреме. Создавањето диви депонии надвор од контејнерите и кантите им одзема дополнително време од предвиденото. За да им се излезе во пресрет на граѓаните, ЈКП 2007 досега спроведе неколку акции за чистење јавни површини, постави контејнери за кабаст отпад на повеќе локации, канти за отпад и урбана опрема секаде каде што имаше потреба, а старите и искршени реквизити на детските игралишта ги заменивме со нови – објаснуваат од општината Гази Баба.

Оттаму упатуваат апел граѓаните да не ја префрлаат вината за својата неодговорност на институциите, туку да бидат совесни и да го фрлаат ѓубрето онаму каде што му е место, наместо по зелени површини или околу контејнери. Со тоа, велат со здружени сили, општината, јавното комунално претпријатие и граѓаните, можат да ја одржуваат чистотата во општината.


Гази Баба има план за почист воздух

Општината Гази Баба тврди дека за намалување на загаденоста има долгорочен и краткорочен акциски план за решавање на последиците од загадувањето на животната средина и тоа продолжување на топловодното греење во Триангла, Маџари, Хиподром 1 и 2, како и Ченто. Целни групи се колективните станбени згради, а гасификацијата ќе продолжи и на индустриските објекти и јавните установи, кои се во надлежност на општината Гази Баба, каде што парните котли за нафта ќе се заменат со природен гас.
– Се работи на долгорочна стратегија за долготрајно обновливи извори за поставување фотоволтаични панели, на колективните згради и јавните установи, како и енергетски фасади, за да се постигне заштеда на ресурсите да се намалат штетните емисии на ПМ-честичките, а со тоа и да се подобрат условите за живот. Фокус на општината Гази Баба за 2020 година ќе биде животната средина. Поставуваме цел за уредување на 15.000 квадратни метри јавни зелени површини. Потоа, веќе втора година по ред се доделуваат субвенции за печки на пелети. Користењето печки на пелети е една од алтернативите со кои директно се влијае на намалување на загаденоста, затоа што, според студијата што ја направија експерти за општината, стои дека најголеми загадувачи на воздухот се домашните ложишта, кои употребуваат нееколошки загадувачки материјали покрај дрвата. Беа спроведени и низа акции заедно со инспекторите, при што беа запленети отпадни гуми. На 10 октомври се одржа и јавна седница на тема „Разговори и предлози за намалување на загадувањето и јакнење на свеста кај граѓаните за чување на животната средина“ – велат од општината Гази Баба.