Скопјани имаат евтин јавен транспорт, но без можности за избор

233
Фото: Дарко Андоновски

Со цена од 35 денари или 0,6 евра за едно возење во еден правец, јавниот транспорт во главниот град Скопје е меѓу поевтините, но не нуди можности за избор меѓу различни видови превоз.

Цената и капацитетот на јавниот транспорт е важен фактор при оценката на квалитетот на животот во големите градови. Додека во повеќето случаи висината на цената е поврзана со животниот стандард на државата, причините за користење на јавниот траснпорт се различни од град во град и се движат од заштеда на време и пари, до заштита на животната средина и намалување на емисијата на штетни гасови.

Постојат повеќе различни системи за наплата во градскиот превоз, но најчести се заеднички билети кои дозволуваат комбинирање на повеќе различни типови на градски транспорт (автобус, тролејбус и метро) во одреден временски рок.

Во Белград билет за едно возење во времетраење од 90 минути со градскиот превоз чини од 1,3 евра за 1 и 2 зона, до 3,4 евра за сите четири зони.

Загреб користи временски систем за наплата во градскиот превоз, па така цената се движи од 0,55 евра еден билет во времетрање од половина час до 1,35 евра за билет во времетрање од 90 минути.

Јавниот траснпорт во Љубљана е поделен во три зони и цената за билет за едно возење во времетраење од 90 минути се движи од 1,20 евра за прва зона, 1,60 евра за втора зона и 2,5 евра за трета зона.

Билет за едно возење во времетраење од 90 минути со јавниот транспорт во Атина чини 1,40 евра, но нуди и повеќе различни видови на карти и можност за купување.

Градскиот превоз во Софија е поделен на метро и автобуски, каде влегуваат и трамвајот и тролејбусот. Потребни се различни карти за двете, но цената за едно возење е иста и чини 0,80 евра.

Во Берлин, пак, јавниот транспорт е поделен во две зони АБ и АБЦ. Цената за едно возење во времетраење од два часа во зона АБ е 2.80 евра, а во зона АБЦ 3,4 евра.

Јавниот транспорт во Париз е составен од посебен метро систем, и систем на автобуски и трамвајски линии. Карта за едно возење и во двата случаи чини 1,9 евра.

Талин, главниот град на Естонија, од 2013 година нуди бесплатен јавен транспорт за сите регистрирани жители. Тамошните градски власти за оваа одлука претходно организираа референдум, на кој граѓаните со 75 проценти избраа бесплатен јавен транспорт.