Скопјани дишат загаден воздух 162 дена во годината

289
Фото: Игор Бансколиев

Светски истражувања го ставија Скопје меѓу најзагадените градови. Поради загадениот воздух, не е мал бројот на лица заболени од респираторни болести и предвреме починати од рак на белите дробови

Уште со почнувањето на сезоната со ниски температури, главниот град на земјава почна да ги освојува првите места на листата на градови со најзагаден воздух. Скопје деновиве беше меѓу трите најзагадени градови во светот. Според веб-страницата на светската агенција за мерење и индекси на загаденост, пред македонскиот главен град единствено се наоѓаа градовите Кабул во Авганистан и Њу Делхи во Индија. Повеќето експерти се согласуваат дека на глобално ниво во градската средина претежно се дише загаден воздух. Податоците на Светската здравствена организација покажуваат дека девет од 10 луѓе дишат воздух што содржи високи нивоа на загаденост. Во овие светски статистики македонските градови, особено главниот град, се на чело кога станува збор за загадувањето.

Дека загадувањето претставува голем проблем за жителите во градот покажуваат и податоците од ревизорскиот извештај ЕУРОСАИ, преку кој е утврдено дека скопјани дишат загаден воздух 162 дена во годината. Тоа, пак, е причина за предизвикување разни заболувања и згаснување голем број животи.

Индексот за квалитет на воздухот претставува збир на сите измерени вредности од сензорите на една станица и е наменет за покажување мерки на загаденост од 0 до 100. Мерка под 25 означува многу ниска загаденост, под 50 – ниска, под 75 – средна, под 100 – висока, а над 100 – екстремно висока загаденост. Податоците од светската агенција за мерење покажуваат дека пред неколку дена Скопје имаше индекс за квалитет на воздух од 172 и поради тоа се најде на трето место во светски рамки. Меѓу позагадените места во градов беа населбата Драчево со 173 и Кисела Вода со 157 индекс за квалитет на воздухот.

Според СЗО, во Македонија 2.574 луѓе умираат предвреме секоја година како директен резултат на загадувањето на воздухот. Додека, пак, според истражување од 2019 година, водено под името „Губење години на човечки живот во големите загадени градови во Македонија“, кое е објавено во „Македонски весник за медицински науки“, се наведува дека поради неквалитетниот воздух, на годишно ниво голем е бројот на лица со респираторни заболувања и предвремена смрт од рак на белите дробови. На оваа листа по Скопје се наоѓа Тетово.

– Истражувањето покажува дека ќе има значителна здравствена добивка доколку се достигнат граничните вредности на ЕУ, поточно доколку се намали загадувањето за 41-42 отсто во скопскиот регион и 74-77 отсто во тетовскиот регион – се наведува во студијата.

Доколку не се преземе нешто, според истражувањето „Губење години на човечки живот во големите загадени градови во Македонија“, се предвидува дека до 2050 година микрочестичките и озонот ќе станат главната причина за смртноста од загадување на животната средина во светот.

Според објавата, пак, на здружението „ОБЦ трансевропа“, главниот град на Македонија е прогласен за најзагаден во Европа како последица на лоши политики и немање долгорочен пристап. Овие алармантни податоци само упатуваат на фактот дека што поскоро треба да се бараат соодветни решенија за почист воздух, а за тоа активно да се вклучат и да работат сите чинители.