СКОПСКО – инфо

290

Градинката „Пролет“ во Влае доби ново екогреење

Градинката „Пролет“ во Влае го замени досегашниот нафтен систем на греење со нов, еколошки. Новиот екосистем за ладење и греење користи термални пумпи што работат на системот воздух – вода и за оваа инвестиција се вложени 55.000 евра. Со инсталација на новиот систем ќе се намали драстично нивото на ПМ10 честички во воздухот и емисијата на штетни гасови. Според градоначалникот на општината Карпош, Стефан Богоев, промената на овој систем обезбедува замена на 14 тони нафта на годишно ниво со обновлив извор на енергија што ќе значи 11 килограми помалку присуство на ПМ10 честички и намалена емисија на јаглерод диоксид во воздухот.
– Заштедите на објектот ќе се движат од 55 до 65 отсто во однос на досегашниот систем на греење со нафта. Исто така, предвидени се автоматско управување и контрола на системот, кој ќе користи евтина ноќна тарифа, а во летниот период истиот тој ќе се користи и за ладење, со што ќе се заштеди струја од системот на инвертори што сега се користат во просториите на градинката – истакнува Богоев.
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули смета дека со денешната промена на начинот на греење на градинката „Пролет“, всушност, се спречува загадување од 30 куќи, домаќинства што се греат на нееколошки начин.

И платата на градоначалникот помош за опожарените во Шуто Оризари

Советот на општината Шуто Оризари на вонредна седница донесе одлука за доделување еднократна парична помош од 30.000 денари на три семејства чии куќи се целосно уништени во пожар. За едно семејство ќе додели еднократна парична помош во висина од 60.000 денари. На оваа седница, градоначалникот Курто Дудуш одлучил да ја донира својата јануарска плата, а советниците, пак, да ги донираат јануарските паушали. Доделената парична помош опожарените семејства ќе ја искористат за покривање на основните потреби.
Кон хуманиот гест на градоначалникот Дудуш се приклучи и општинската администрација, која предлага да одвои исто така дел од своите плати.
– Ја делиме болката на родителите и семејството, сега ние сме должни кон нив како родители, на уште две дечиња и на нивните соседи, кои ги изгубија своите домови, да им помогнеме да го вратат нормалниот живот назад – вели градоначалникот Дудуш.
Како што соопштуваат од општината, следната недела ќе се одржи друга седница, каде што со ребаланс на буџетот средствата од ставките култура и спорт ќе се пренаменат за помош на семејствата врз основа на извештаите на комисијата за процена на штети.