СКОПСКО – инфо

273

Во ДКЦ онлајн „Разигран плоштад 2020“

Детскиот културен центар „Карпош“ годинава, поради коронавирусот, манифестацијата „Разигран плоштад 2020“ ќе ја реализира онлајн, наместо со физичко присуство на учесниците. „Разигран плоштад“ е манифестација што ги обединува сите уметности, ги промовира и ги афирмира сите секции што егзистираат во Детскиот културен центар, кој оваа година остана празен поради пандемијата на коронавирусот.
– Детскиот културен центар „Карпош“ со својата онлајн програма повторно ќе го разигра овој празен плоштад. Ова издание на „Разиграниот плоштад“ е поразлично од сите други изданија, бидејќи детскиот културен центар „Карпош“ е секогаш подготвен да ви ги претстави и промовира своите активности, со програма изведена од членовите на секциите на центарот – велат од ДКЦ „Карпош“.

Нови две занимални во градинката „Детелинка“

Општина Ѓорче Петров и Министерството за труд и социјална политика ги почнаа градежните зафати за проширување на детската градинка, односно за доградба на објектот „Детелинка“. Идејата е да се прошири капацитетот на градинката за уште педесетина дечиња во две нови занимални. Рокот за изведба на градежните работи е 14 месеци.
– Општината заедно со централната власт посветува големо внимание за решавање на долгогодишниот проблем поради недостиг од капацитети за дечињата во претшколска возраст. Истовремено се работи и на градинката во Волково, целосно нова со капацитет за околу 200 деца, а која се гради со одлично темпо. Напоредно, разгледуваме можности и за зголемување на други капацитети – информираат од Општина Ѓорче Петров.

Општина Шуто Оризари набавува реквизити за детски игралишта

Општина Шуто Оризари ја започна постапката за набавка на реквизити за опремување на детските игралишта. Тие се дел од проектот за подобрување на општинските услуги, а надлежните деновиве веќе објавија оглас за набавка на урбана опрема – детски реквизити.
Во набавката се планирани две метални композиции со различни елементи од кои најмалку три различни типа лизгалки и тобогани со скали за качување, потоа две клацкалки со четири седишта, четири лулашки и една вртелешка со најмалку пет метални велосипеди. Ќе се набавуваат и две големи лизгалки тобогани, комбинирани со метални скали, две мали лизгалки исто така комбинирани со метални скали, четири играчки на федер и фиксирани клацкалки на метален федер во облик на животно. Инаку оваа скопска општина иако е дел од десетте урбани општини на градот има најмалку детски игралишта за забава и рекреација на најмладите жители.