Скопско- инфо

79

Трета дезинфекција на зградите во Карпош

Комуналните служби на Општина Карпош ја започнаа третата акција за дезинфекција на зградите со повеќе од осум домаќинства. Се дезинфицираат влезните врати и делови од згради на влезовите, гелендерот, сандачињата и лифтовите. Дезинфекцијата се врши со посебно средство наменето за чистење јавни површини.
– Не е возможно хигиеничарите да бидат забележани од сите граѓани, но акцијата се спроведува етапно во сите населби. Ги повикуваме заедниците на сопственици, куќните совети, да продолжат и со секојдневното, тековно одржување на хигиена во влезовите. Дезинфекцијата, која се врши преку локалната самоуправа, е само дополнителна поддршка за спречување на ширењето на коронавирусот. Сите сме одговорни за јавното здравје – велат од Општина Карпош.

Ранливите категории од Кисела Вода да ги користат мобилните тимови

Општина Кисела Вода ги потсетува своите жители дека по дадените владини препораки за превенција и заштита од коронавирусот, се оформени мобилни тимови, кои додека траат препораките ќе бидат во служба на сите ранливи категории граѓани. Лицата со попреченост, инвалидност, лицата во самоизолација, повозрасните лица и сите други жители со одредени хронични болести, за сите потреби, за набавка и достава на прехранбени производи, лекови и средства за лична хигиена, имаат можност секојдневно, во временскиот период од 8.30 до 12.30 часот, да контактираат со тимовите што имаат задача да им помагаат. Сервисните услуги се даваат бесплатно, додека за производите и лековите што им се потребни, граѓаните треба да им дадат финансиски средства на тимовите што ќе вршат достава.
– За повикување на мобилните тимови, жителите на Општина Кисела Вода, можат да се јават на следните телефонски броеви: Црвен крст Кисела Вода: 070/379-456 02/3211-417. Финансиските средства за функционирање на мобилните тимови се обезбедени од Општина Кисела Вода. Уште еднаш, апелираме да се почитуваат препораките и да не се излегува од дома без поголема потреба, односно да не се излегува воопшто за време на полицискиот час – порачуваат надлежните од Кисела Вода.

Денеска без струја селото Маркова Сушица

Денеска цели три часа без напојување со електрична енергија ќе останат жителите од скопското село Маркова Сушица во Општина Студеничани. Прекинот на струја ќе трае во интервалот помеѓу 9 и 12 часот. Како што информираат од „ЕВН Македонија“ АД, безнапонската состојба се должи на изведувањето на однапред планирани технички зафати во електросистемот во градот Скопје.