СКОПСКО – инфо

192

Забрзано се гради монтажната болница

Забрзано се одвиваат градежните активности за подигнување на монтажната болница со капацитет до 130 болнички кревети, до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Претходно, овој простор со одлична меѓуинституционална соработка беше расчистен во рекорден рок од страна на екипите на Град Скопје, армијата и нејзината механизација, екипите на ЈП „Улици и патишта“, како и од инженерите од Проектната единица при Министерството за здравство.
– Со ослободување на просторот од околу 4.000 квадратни метри, е создадена можност за интервентен развој и дополнување на капацитетот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Ослободената локација до Инфективната клиника во моментов има огромна предност поради близината на сите капацитети на клиничкиот центар „Мајка Тереза“, клучните институти и самата Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби. Со оглед на состојбата со коронавирусот, Град Скопје му помага на Министерството за здравство, со реализација на низа градежни и инфраструктурни активности во кругот на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – информираат од Град Скопје.
Покрај активностите за расчистување и уредување на просторот до Инфективната клиника, се прошири влезот во Клиничкиот центар и се отвори траса за интервенти возила до Ургентниот центар, како и посебен влез кон Инфективната клиника. На терен излегоа градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, министерот за здравство, Венко Филипче и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, за да видат како се одвиваат градежните активности.

Општина Карпош со социјални пакети за 30 семејства

Општина Карпош организира хуманитарна акција, со која ќе се обезбедат основни прехранбени намирници и хигиенски средства за 30 најранливи домаќинства. Како резултат на кризната ситуација со коронавирусот, локалната самоуправа на оваа скопска општина во соработка со Црвениот крст ќе обезбеди прехранбени продукти и средства за хигиена за најпогодените. Волонтерите на Црвениот крст ќе ги подготват социјалните пакети, кои ќе бидат набавени со буџетски средства на Општината.
Во видеообраќање, градоначалникот Стефан Богоев говореше за потребата од хуманост и солидарност во овие моменти.
– Им помагавме за време на природни непогоди на нашите соседни земји, помагаме за лекување на наши сограѓани, а сега треба да се справиме со еден од најсериозните вируси во поновата историја. Ковид-19 го погоди целото општество! Но коронавирусот нѐ обедини сите, во општествена акција секој да преземе мерки и активности – рече Богоев во своето видеообраќање, информираат од локалната самоуправа.